1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европската комисија бара истовремени преговори за ЕУ и за името

Европската комисија по четврти пат препорача отворање преговори за членство на Македонија во ЕУ. Комисијата верува дека придвижувањето во следната фаза од евроинтеграциите ќе помогне за мирот и одржливоста на реформите.

„Европската комисија е подготвена да презентира без одложување план за преговарачка рамка, која исто така ја зема в предвид потребата за решавање на прашањето за името во раните фази на преговорите за пристапување“, стои во најновиот извештај за Македонија. Истото денеска пред европратениците го прочита и еврокомесарот за проширување Штефан Филе додавајќи: „Мораме да осигураме дека европската перспектива на земјата е реална“. Тој рече и дека отворањето на преговорите од страна на Европскиот совет ќе помогне за создавање услови за решавање на спорот за името. Во извештајот се нагласува дека за ваквиот „пристап е потребна интензивна политичка посветеност од сите страни пред Европскиот совет“.

Во оценката за напредокот на земјите од Западен Балкан се забележува дека „процесот на пристапување во моментов останува под негативно влијание на билатералните прашања“. Затоа Европската комисија забележува дека „отворените билатерални прашања треба да се решат од засегнатите страни во текот на процесот за проширување, со определеност и со земање в предвид на генералните интереси на ЕУ. Во текот на минатата година имаше мал напредок во таквите прашања. Комисијата ги охрабрува страните да го направат секој можен напор во насока на решавање на постоечките спорови во линија на воспоставените практики и средства, вклучувајќи и обраќање за прашањата до Меѓународниот суд на правдата или другите псотоечки и ад хок тела за решавање спорови“. Комисијата потоа изразува „подготвеност за создавање на неопходен политички импулс во потрагата по решение“ на споровите. Во однос на грчко-македонскиот спор за името, Комисијата подвлекува дека заемно прифатливото решение за името, најдено со преговори со посредништво на ОН, останува суштинско. „Решението треба да биде најдено без дополнително одложување“, забележува Комисијата. Таа нотира и дека досегашните преговори не дадоа некој резултат. „Акции и изјави кои можат негативно да влијаат на добрососедските односи треба да се избегнат“.

Stefan Füle EU Erweiterungskommissar

Еврокомесарот Филе го соопшти барањето и пред европратениците

Комисијата смета и дека со отворањето на преговорите „ќе се засилат меѓуетничките односи“, а „регионот како целина ќе има корист од тоа“. Европската комисија ја повтори препораката за почеток на преговорите затоа што „земјата продолжува задоволително да ги исполнува политичките критериуми“. Од оваа институција сметаат дека придвижувањето во процесот на пристапување на земјата во следната фаза ќе го спречи одвраќањето од реформскиот процес, но и „ќе ја зајакне кредибилноста на ЕУ и тоа ќе биде акт за охрабрување на реформските напори каде било во регионот“.

Позитивен развој во Македонија е забележан, меѓу другото и затоа што „Пристапниот дијалог на високо ниво доведе до заострен фокус на реформите од страна на властите“. Како клучни се посочуваат на прво место слободата на говорот, а потоа и владеењето на правото, меѓуетничките односи, како и предизвиците за реформа на изборниот процес, јавната администрација, засилувањето на пазарната економија, но и добрите меѓусоседски односи. Европската комисија забележува дека македонската влада прави напредок во амбициозната реформска програма, како и дека си има поставено временска рамка за нејзино исполнување. Сепак, Комисијата ја нагласува потребата од осигурување на имплементацијата на реформите. Во однос на економијата се забележува дека е „потребен дополнителен напредок во насока да се добие функционална пазарна економија“.

„Тешките меѓуетнички прашања можат успешно да се решат преку дијалог и компромис, како што се покажува со тековната имплементација на Охридскиот рамковен договор“, оценува Европската комисија. Сепак, од таму се изразува загриженоста за меѓуетничките тензии во земјата, но и се поздравува зрелиот одговор на истите од страна на владата, како и нејзината зрелост во „дебатата која се однесува на статусот на жртвите од конфликтот во 2001-ва година“.

EU Flagge auf Pflastersteine Straße

Ќе се одблокира ли конечно македонскиот пат кон ЕУ?

Реформи се потребни во многу од земјите од Западен Балкан. Човековите права, доброто владеење, владеењето на правото, кое ја вклучува и борбата против корупцијата и организираниот криминал, потоа административниот капацитет, невработеноста, економските реформи и социјалната вклученост претставуваат голем предизвик. Комисијата забележува дека во земјите од Западен Балкан често е потребно да се преземе поголема одговорност за реформите, како и да се покаже поголема волја за придвижување нанапред. Засилувањето на слободата на изразување и значењето на медиумите исто така останува главен предизвик во земјите од Западен Балкан.

Невработеноста во Западен Балкан во просек изнесува 21 процент, но таа е многу поголема во Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и Косово. Посебно се погодени младите лица. За Комисијата се загрижувачки ревидираните резултати за намалувањето на сиромаштијата. Посебно загрозена е средната класа.

Македонија кандидатскиот статус го доби во 2005-та година. Од 2009-та година чека почеток на преговори за членство. Препораката за почеток на преговорите беше повторена, како во годинашниот, така и во минатите три извештаи.