1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Европратениците ја критикуваат Данска поради граничните контроли

Шенгенскиот простор како рај на слободното движење и без внатрешни контроли - дали е ова веќе минато? Данска ги заостри контролите. Дури и ако последиците од тоа бидат одвај видливи, симболиката не е за потценување.

default

Уште пред да стапат во сила граничните контроли, германскиот европратеник Александер Граф Ламбсдорф, од редовите на либералите, предупреди на опасноста од тивко поткопување на европските достигнувања.

„Слободата умира дел по дел, се‘ едно дали станува збор за слободата на печатот или за слободата на патување. Посакувавме малку поголем ангажман на претседавачот со ЕУ околу нападот врз слободата на патување во Шенген-зоната“, рече Ламбсдорф, упатувајќи забелешка на унгарското претседателство со ЕУ, кое заврши на триесетти јуни.

Политичарката од редовите на Зелените, Ребека Хармс, во постапките на Данска гледа противречности - земјата со граничните контроли официјално сака да се бори против организираниот криминал и илегалното доселување, но тоа не одговара на данската политика на ниво на ЕУ:

Мартин Шулц

Мартин Шулц

„За мене е фатално што Данска, земја која требаше всушност да стане дел од заедничката миграциона политика и политика на азил, избра посебен пат, тоа што мисли дека со омекнување на Шенген може да ги реши проблемите во сферите на миграција и азил. Тоа е навистина смешно.“

Шулц: Загрозен е внатрешниот пазар на ЕУ

Многумина европратеници сметаат дека данската влада сака во изборната кампања да и‘ излезе пресрет на десноориентираната Народна партија, од која што е зависна. За оние што одат на одмор, на пример, во Данска ќе се смени малку. Данска и онака сака да ангажира дополнително само неколку десетини царински службеници.

Сепак, според Мартин Шулц, шеф на пратеничката група на социјалистите во ЕП, во опасност е целокупниот внатрешен пазар на ЕУ со неговата слобода на движење на лица, стока, услуги и капитал:

„Од денес имаме две класи во Шенген-зоната. Германските претпријатија, француските претпријатија, шпанските претпријатија кои носат стока во Данска, мора да сметаат со контроли. Данските претпријатија кои носат стока во Германија, Франција или Шпанија, нема да се соочат со контроли.

Данските контроли тема во Европскиот парламент

Данските контроли тема во Европскиот парламент

Само по тоа може да се види дека оваа еднострана постапка го врти на глава Шенгенскиот простор и под знак прашалник ги става не само слободата на движење на лица, туку и на услуги и стока. Тоа е голем упад во правилата на внатрешниот пазар на ЕУ.“

Шулц ја повика Европската комисија брзо да провери дали граничните контроли се во согласност со европското право или не. До сега претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, изрази само „длабока загриженост“, но не изнесе став.

„На глупоста со глупост“

Најироничен коментар за темата даде Жозеф Дол, францускиот претседавач со пратеничката група на конзервативната Народна партија. Тој сака да и‘ врати на данската влада со нејзиното оружје:

„Сосема сум против тој систем, но велам: на една глупост се одговара најдобро со друга глупост. Ако навистина треба да се заштитат нашите дански пријатели, тогаш Комисијата треба на Данците да им издава визи за да ги заштити кога патуваат во други европски земји.“

До тоа не би требало да дојде. Во моментов сите се надеваат дека Данска наскоро ќе попушти под големиот притисок на Европската комисија и на другите земји членки на Шенгенската зона.

Автор: Кристоф Хаселбах / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Горан Чутаноски