1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европратениците со честитки и сочувство кон Македонија

Европратениците со различна анализа на заклучоците на министрите за надворешни работи на ЕУ. Едни се задоволни и ги гледаат како позитивни и чекор напред, за други се необјективни и неправедни кон Македонија.

„Мислам дека заклучоците се позитивни и ја појаснуваат ситуацијата на односот на оваа земја со ЕУ. Тоа е знак на добра волја од страна на ЕУ“,  вели Елени-Мариа Копа, грчката европартеничка и известувачка во ЕП за стратегијата за проширување на ЕУ. Таа понатаму додава:

„Отворањето на преговорите ќе биде можно под услов да биде решено прашањето за името“.

Околу оптимизмот на Филе дека преговорите е можно да започнат во текот на 2013 година, односно можно изнаоѓање на решение за името, грчката европарламентарка од редовите на Пасок вели дека таа како и од секогаш е „оптимистка“.

Europaparlament Abgeordnete Maria Eleni Koppa

Мариа Елени Копа

Нејзиниот колега од Нова демократија, Јоргос Кумуцакос околу 2013 како година кога можат да започнат преговорите меѓу Македонија и ЕУ нагласува:

„Зошто да не! Но потребна ни е добра волја! Се надевам дека ќе ја имаме.“

Грчкиот европратеник понатаму појаснува:

„Уште од самиот почеток сакаме нашиот сосед да стане член на ЕУ. Бидејќи тоа е во корист на регионалната соработка и соработката меѓу двете земји. Но за тоа членство да биде стабилно, јасно, мора да биде продолжување на апсолутното почитување на добрососедските односи. Треба да го разрешиме проблемот со името. Потоа е јасно стратегиски речено, дека сакаме сите земји од регионот да станат членки на ЕУ“.

Словенечкиот европратеник и известувач за Србија, Јелко Кацин ги оценува заклучоците глобално како „исклучително позитивни и стимулирачки“, посебно кога се зборува за Црна Гора исто како и за Србија, бидејќи тие ги храбрат народот и политичката елита да истраат при носењето на храбри политички одлуки за иднината.

Jelko Kacin

Јелко Кацин

„Што се однесува до Македонија, пораката е многу позитивна и таа не е прв пат позитивна. Таа е позитивна веќе неколку пати, но владата досега не одговори на тие пораки. Ново е тоа што доаѓа позитивна порака и од Грција“,  вели Кацин.

Според него, Македонија мора да создава пријателски односи со соседите, кои на крајот ќе и‘ овозможат да добие датум за преговори.

Околу оптимизмот на Филе, Кацин е воздржан:

„Комесарот е платен да биде оптимист, бидејќи не доаѓа од региониот и не е професионален политичар туку дипломат, би рекол дека политичкиот живот секоја година го изненадува. Јас посакувам тој да биде во право. Ако тоа се случи, јас, се разбира, ќе го поздравам се‘ она што оди во правец на добивање на датум. Но само Македонија одлучува за својата иднина“.

Словачкиот европратеник Едуард Кукан мисли дека заклучоците се доста лоши за Македонија, бидејќи на многу места од текстот се изразува позитивната оценка во спроведувањето на реформите и исполнување на барањата за европската интеграција. Но по четврти пат само поради нерешенеото прашање со името на државата, таа не доби датум за преговори.

Eduard Kukan

Едуард Кукан

„Тоа е фрустрација и јас сочувствувам со политичарите на Македонија, бидејќи ако повеќе години со ред ви се кажува дека ги исполнувате условите – тогаш што повеќе треба да се направи“.

Според Кукан, решението на проблемот со името не зависи само од Македонија, туку и од други страни.

„Во Европскиот парламент постои разбирање за тешката положба на македонската влада и цело време настојуваме Европскиот совет да назначи датум за почеток на преговори. Но изгледа дека без решение на прашањето за името натамошното напредување на Македонија е невозможно“.

Затоа словачкиот европратеник го примил текстот за Македонија со измешани чувства.

„Тоа е необјективно. Но сакам да испратам повик до Македонија да се продолжи по европскиот пат. Знам дека тоа е тешко во ваква ситуација. Но на крајот правдата мора да победи“.