1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европратениците се заложија Македонија да почне преговори со ЕУ

На пленарна сесија на Европскиот парламент во Стразбур, без изненадување, уште еднаш беше повикан Советот на Европската унија да утврди датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

Расправата што се одржа доцна во ноќта на 5. февруари во Европскиот парламент (ЕП) беше последна дебата за напредокот на Македонија во овој состав на парламентот.

„Горд сум што претставив извештај во ЕП, кој бара без одложување почеток на преговори со Македонија. Исто така сум среќен што беше најден консензус за изборниот закон и што е воспоставен дијалог меѓу новинарите и владата, но и дека буџетот беше усвоен во нормална парламентарна процедура. Акцентот е ставен врз интеграцијата и образованието, меѓуетничките односи и селективното судство“, вели известувачот Ричард Хауит, социјалист од Велика Британија.

Тој притоа нагласува дека негова грижа е земјата да напредува, затоа тој предлага Европската комисија да ѝ додели на Македонија статус на „функционална пазарна економија“, со што ќе бидат гарантирани странските инвестиции.

Алојз Петерле, европратеник од Словенија од редовите на народните партии за извештајот и Резолуцијата предложена од британскиот европратеник Ричард Хауит за Дојче веле оценува дека истиот е реален.

„Извештајот е реален, не е толку проблем со извештајот, туку со контекстот во кој дојде до новиот извештај. Ние сите сакаме да има динамика во однос на Македонија, таа да оди напред и да ја покаже својата проевроска линија со нови реформи и стандарди. Знам дека во Македонија има големи амбиции да се направи сѐ што треба. Големо е мнозинството овде во Европскиот парламент кое сака да се прекине оваа блокада и навистина да дојде до преговори и таа да оди понатаму.“

Петерле мисли дека е лошо за регионот кога има земји со различни статуси, ЕУ ќе мора да ја награди секоја амбиција и напредок, кој е направен.

Ова мислење на Петерле беше потврдено во дебатата од страна на најголемиот број од неговите колеги, кои конкретно се задржаа многу повеќе на случајот со Македонија, отколку на Босна и Херцеговина и Црна Гора, со оглед дека расправата беше заедничка за трите земји од Западен Балкан.

Преговори за Македонија без оглед дали е решен спорот со името

За извештајот за кој ќе се гласа денеска (06.02.) се предложени седум амандмани од кои најголемиот дел се амандмани повразни со заштитата на природната средина, како загриженоста од изградбата на електрична централа на Бошков Мост. Најмногу од амандманите се предложени од Марије Корнелисен, од групата на Зелени, како тој за поддршка на предлогот на посредникот на ООН за спорот со името Метју Нимиц, за сложено име со географска одредница.

„Се наоѓаме во февруари и на грчкото претседателство му остануваат пет месеци за да постигне нешто историско. Најнапред да се отворат преговори со земјата, без оглед на тоа дали ќе биде решен или не проблемот со името. Но исто така е потребно да се најде решение за спорот со името. Во таа насока ние предложивме амандаман во кој се поддржува сложено име со географска одредница за земјата, но притоа да се користи придавката 'македонски'“, вели таа.

Многу европратеници во дискусијата побараа од грчкото претседателство да направи исчекор, бидејќи како што вели романската европратеничка Норица Николај, со случајот на Македонија ќе се „мери успехот или неуспехот на европската политика на проширување“.

„Потребно е да се избегне тој неуспех. Не разбирам зошто, иако ние ја поддржуваме земјата во ЕП и Европската комисија, се блокира процесот на интеграцијата на земјата поради спорот со името“.

Околу забелешките на грчките и бугарските европратеници, кои и овој пат на пленарната сесија во Стразбур ги повторија нивните познати ставови дека Македонија ја „присвојува историјата на другите“, дека нејзината политика не е добрососедска, односно проблемот со името не е единствен, бидејќи таа не ги исполнува и другите услови, бидејќи постојат редица други проблеми.

Треба да и се став крај на хипокризијата

Романската европратеничка се запрашува: „Не сфаќам зошто треба да ѝ забележуваме на земјата дека има висока невработеност - има држави членки со повисока стапка на невработеност, земји во кои не се решени односите меѓу политичките партии, односите меѓу властите и медиумите не се демократски. Треба да се стави крај на оваа хипкоризија и затоа бараме до Советот да започне со преговорите без оглед дали проблемот со името е решен.“

Имено во Резолуцијата на Европскиот парламент за која ќе се гласа денеска е речено: „ЕП смета дека критериумите од Копенхаген се доволно исполнети за земјата да ги започне преговорите и дека членство во ЕУ е кога една земја ги исполнува целосно истите.“

ЕП ја зема во предвид пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5. декември 2011 за спроведувањето на Времениот договор од 13. септември 1995 година. Затоа Европскиот парламент го повикува уште еднаш Советот на Европската унија да утврди без одложување датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Притоа се нагласува дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за почеток на преговорите, иако тие треба да бидат решени пред крајот на процесот за зачленување.

Предложената Резолуција на Ричард Хауит, која нема обврзувачки карактер, но има големо политичко влијание, набљудувачите во Стразбур ја оценуваат како позитивна за Македонија, ова и покрај забелешките, кои беа направени од страна на самите европратеници за двојазичноста.

Поврзана содржина