1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европратениците бараат почеток на преговорите

Европратениците од Комисијата за надворешни работи на ЕП на денешната размена на мислења со министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски, побараа пак почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ.

default

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Поповски

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски уште на почетокот од обраќањето пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, нагласи дека тој се наоѓа пред неа бидејќи Република Македонија сака да стане членка на ЕУ.

„Ние сме дел од Европа и правиме се’ што можеме да се приближиме кон Европа. Ние сме кандидати за членство од пред шест години и ние сакаме да зпочнеме преговори“, нагласи Попоски.

Македонија може да придонесе за Европа

Според него, Македонија, иако е мала земја, може да придонесе за подобрување на актуелната тешка ситуација во Европа и да се изнајдат подобри решенија на политичка, економска и фискална интеграција во ЕУ.

Во таа прилика, македонскиот министер ги наброја позитвните резултати на македонската економија кои се во согласност со критериумите од Мастрихт: 2,5% државен дефицит, државниот долг е 25,9% од БДП, инфлација од 4,2%, со економски пораст од 5% во првиот семестар на годината со прогноза за 2012 од 2,5 и 3%. Светската банка ја рангира Македонија на 22-то место според процесот на реформите и на трето според перфомансите, но останува борбата против големата невработеност како последица на процесот на трансформација.

Попоски пред европратениците уште еднаш нагласи дека „членството во ЕУ е аспирација која ги инспирира  граѓаните“ на неговата земја без разлика на нивното етничко потекло. Тој тука ги наведе и реформските процеси кои се однесуваат на политичките критериуми: успешно одржување на изборите, почитувањето на правата на малцинствата, реформите во јавната администрација и незазвисноста на судството, борбата против корупцијата... Што беше признато од Европската комисија, која трета година по ред советува почеток на преговорите за членство на Македонија.

Во однос на спорот за името со Грција, македонскиот министер за надворешни работи рече дека македонската влада се обидува да најде заедничко прифатливо решение со почитување на идентитетот, јазикот и културата. 

Die Grünen im Europaparlament: Europäisches Parlament in Brüssel

„Во интерес е на Европа Македонија да продолжи со демократскиот и социјално економскиот развој, ова благодарејќи на почетокот на преговорите“. Попоски тука побара утврдување на нови конструктивни принципи, бидејќи почетокот на процесот на преговори ќе влијае врз динамиката на реформите и меѓуетничката и меѓурелигиозната кохезија на земјата и регионот, нагласувајќи дека македонската влада побарала од Грција да дозволи почеток на преговорите, наведувајќи ги случајот со Хрватска и Словенија кои го решија спорот во текот на процесот на преговорите.

Заложби за почеток на преговорите и жалење што тоа не е направено тоа порано

Во едночасовната дебата, скоро сите европратеници  се заложија Советот на Европската унија да и‘ додели датум за почеток на преговори на Република Македонија, некои од нив како Моника Маковеј оценија дека претставува трагедија што преговорите не се започнати и дека тоа се случува по прв пат во историјата на ЕУ. Известувачот во сенка Едуар Кукан, изрази разочарување што не е постигнат напредок и дека се навлезе во рутина со промената на владите во Македонија и Грција да доаѓа до одлагање на решението. Притоа тој запраша дали Македонија има стратегија за решавање на проблемот кој го блокира евроинтегративниот процес на Македонија. Дорис Пак, од нејзина страна пак оцени дека за порастот на национализмот во Македонија, не треба да се бара одговорноста само во Македонија.

Грчката европартеникчка Елени Копа, изрази жалење што претходната влада на нејзиниот сопартиец Папандреу и таа на Груевски не изнајдоа решение за името и дека не треба да се очекува од новата техничка влада на Грција дека ќе најде наскоро решение за името.

Претседателот на делегацијата на ЕП, за соработка со Македонија Јоргос Шацимаркакис, слично како и Алојз Петерле ги поздравија позитивните економски резултати на Македонија Шацимаркакис  потсети од негова страна  дека на синиот хоризонт на Македонија има и по некој облак, како слободата на медиумите. Шацимаркакис го поздрави одржувањето на тркалезна маса од страна на вицепремиерката Теута Арифи со претставниците на медиумите, како потврда дека македонските власти сакаат да работат на надминување на овие забелешки.

Британецот Чарлс Танок, нагласи дека Македонија може да смета на британската поддршка во евроинтеграциите, додека известувачот за Македонија во ЕП Ричард Хауит од своја страна соопшти дека во извештајот за кој ќе се дискутира наскоро во ЕП ќе бидат повторени препораките за почеток на преговорите.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев нагласи дека евроинтегративните процеси на Македонија се поддржувани од Бугарија и дека само преку нив можат да се надминат манипулацијата и селективното толкување на историјата. Неговиот колега Станимир Илчев се интерисраше за пописот и дали ќе им се овозможи на Бугарите од Македонија да се изјаснуваат како такви (тој спомена бројка од 1,2 милиони бугари во Македонија) велејќи дека од 100 000 граѓани на Македонија кои побарале бугарски пасош, 40 000 го добиле.

Europa Mazedonien

Европратениците се интерсираа и за одлуката на судот од Хаг, како и за правата на малцинствата.

Во одговорот на забелешките на европратениците, министерот Никола Попоски нагласи дека Македонија она што го прави за почитувањата на правата на малцинставата од пред десет години е еден од моделите за пример во Европа. Околу идентитетот тој рече дека еден од главните принципи на современа Европа е принципот самоопредлеување, додавајќи: „Антиевропско е ако се сака да му се наметне на некој како да се чувствува и идентификува  својот јазик, својот национален  идентитет. Сите ние имаме одговорност да го почитуваме овај принцип.“

Барајќи уште еднаш од Грција да не ја блокира европската интеграција на Македонија, Попоски рече: „Се наоѓаме во ситуација кога не служи за ништо да се обвинуваме едните и другите. Ако сакаме да излеземе од ќорсокакот потребен е поевропски пристап. Да се напушти идејата за блокирање во секоја можност кога има можност да се блокира“, оценувајќи дека не е европско однесување  и разумно од страна на Грција да ја блокира неговата земја, служејќи се со позицијата на земја-членка. Тој побара нов пристап и нова методологија за да може да се излезе од оваа тешка ситуација.

Автор: Тони Гламчевски 

Редактор: Ж. Ацеска