1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европратениците бараат отворање преговори со Македонија

Комисијата за надворешни работи на ЕП денеска расправа за амандманите по предлог резолуцијата за напредокот на Македонија. Во Брисел се состанува и Советот за стабилизација и асоцијација на Република Македонија со ЕУ.

default

Предложената резолуцијата за напредокот на Македонија изработена од британскиот европратеник Ричард Хауит, очигледно ги мотивира неговите колеги, тие предложија 164 амандмани за промена на првобитниот текст.

Во текот на денов (23.01) европратениците од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент ќе се обидат да пронајдат компромисни амандмани на предлог-резолуцијата, за која која ќе расправаат доцна попладнево.

Пристапот на европратениците во однос на резолуцијата за Македонија е различен. Tоа најмногу зависи од нивната политичка припадност или пак од која земја членка на ЕУ доаѓаат.

Европратениците, сепак, без разлика која верзија ќе ја усвојат се очекува уште еднаш да испратат повик до Советот на ЕУ за започнување на преговорите како и на пред-скрининг процесот на хармонизација на законодавството на земјата со придобивките на ЕУ, како и за спроведување на втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. За ова постои широко мнозинство и поддршка не

Richard Howitt

Известувачот Ричард Хауит

само во Комисијата, туку и во целокупниот Европски парламент. Британецот Чарлс Танок смета дека „кредибилноста на процесот на проширување на ЕУ, ќе биде компромитирана од постојаното одложување на преговорите за членство“. Додека Мариа Елени Копа, го поддржува тоа, но подвлекува дека е потребно истовремено да се изнајде заедничко прифатливо решение за името.

Во тој контекст поднесувачот на резолуцијата, Хауит ја надополнува истата и бара Советот на ЕУ во март, а НАТО на самитот во Чикаго во мај, да ја искористат можноста која им се пружа за да и дозволат на земјата да направи нов напредок во евро-атлантските процеси. Постојат и повеќе амандмани околу тоа како да се формулира ставот на ЕП по одлуката на судот од Хаг.

Придавката македонски и Македонија на повеќе пати споменати во амандманите

Во предложените амандмани на Марије Корнелисен и Улрике Луначек од групата на Зелените и Европската слободна алијанса, се поздравува предлогот на грчката влада за сложено име и веруваат дека „тоа е основа за решение на проблемот со името, но под услов македонскиот идентитет, култура, националност и јазик да не бидат ставени во прашање.“ Тие на неколку пати се служат со придавката македонски, додека нивниот колега - социјалист од Шведска, Горан Фарм и во еден амандман Ана Ибрисагиќ, Моника Маковеј, Дан Преда и Едуар Кукан го употребуваат само името Македонија.

Горан Фарм во своите амандмани покажува дека се интересира за положбата на жената во Македонија и за синдикалните слободи.

Јелко Кацин и уште неколку други европратеници предлагаат измени на резолуцијата во делот за слободата на печатот.

NO FLASH Mazedonien EU Flagge

Бугарските и грчките европратеници повторно инсистираат на „добрососедски односи“

Андреј Ковачев и Мариета Јанаку, на кои им се приклучува и Ѓорги Шопфлин од Унгарија, бараат „добрососедските односи да бидат суштински елемент во процесот на поширувањето“. Тие ја подвлекуваат и важноста на потезите за да се избегнат контаверзни акции и изјави кои ќе имаат негативни последици врз нив.

Ковачев „жали што не може слободно да се изрази бугарскиот идентитет во Македонија, и е разочаран што не е направено ништо за заедничко одбележување на заеднички историски настани и личности со соседите членки на ЕУ“. Тој го охрабрува создавањето на мешани комисии за изучување на историјата исто како неговиот сонародник Евгени Кирилов. Ова според нив е „во духот на добрососедството и со признавање на процесот на создавање на македонскиот идентитет“... Барања и ставови веќе видени во претходните резолуции на ЕП, но кои не беа ставени во текстот на Хауит.

Многу од предложените амандмани се однесуваат на формулацијата „билатерланите проблеми“ да не бидат пречка во процесот на зачленување во ЕУ, ниту да служат за негово блокирање, а грчката европратеничка Мариета Јанаку, на пример бара бришење на овај параграф.

Истовремено, додека европратениците ќе расправаат за изгледот на резолуцијата за напредокот на Македонија, за кој ќе се расправа во февруари или во март на пленарна сесија, во Брисел се состанува и Советот за стабилизација и асоцијација на Република Македонија со ЕУ.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM