1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европеизација на културата - Сизифовска работа?

Зошто уметниците и културните работници во Македонија не се сфатени како важни актери во процесот на „поврзување“ на македонските граѓани со европските вредности?

default

Културата во контекст на европеизацијата е една од најмалку застапените теми во медиумите во Македонија - само еден текст бил објавен во октомври 2012 година од вкупно 9 медиуми во земјата опфатени со истражувањето за медиумското известување за Европа и европеизацијата.

„Резултатите се поразителни! Европа подобро ќе ја разберете не само од политички и економски аспект, туку особено од културен аспект“, вели во разговор за ДВ, доц. д-р Дејан Донев, раководител на истражувањето спроведено во земјата.

Политичарите - единствени толкувачи на европеизацијата

Медиумите во земјата активно известуваат за европеизацијата - во просек секој медиум дневно објавува по 2 до 3 текста, прилози - е клучниот резултат на истражувањето со кое биле опфатени 48 медиуми од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Македонија, во рамките на Регионалната програма за поддршка од областа на општествените истражувања во Западен Балкан, водено од Универзитетот во Фрајбург, Германија.

Dejan Donev

Дејан Донев

„Македонските медиуми во последните години се обидуваат да ја надминат длабоката професионална и етичка криза. Оваа состојба негативно се рефлектираше и на улогата што ја имаат во известувањето за Европа, промовирањето на нејзините вредности, општествената, политичката, социјалната, културната реалност...“, се вели во анализата.

За Донев поголем проблем е - како се разбира европеизацијата.

„Европеизацијата кај нас се преведува како политичка работа - политичари доаѓаат или коментираат од ЕУ, а новинарите известуваат „дојдоа, видоа, кажаа и си отидоа“. Кај нас се разбира само како формален процес на придружување кон ЕУ или во контекст на прашањето со името“, вели Донев.

Идејата за европеизација е разбрана на погрешен начин

Културните работници, уметниците во овој контекст воопшто не се сфатени како важни актери во процесот на „поврзување“ на македонскиот граѓанин со европските вредности.

„За европеизација треба да се говори од сите аспекти. Во истражувањето требаше да се види барем некој прилог за тоа, што значи Европа за некој Европеец таму и што значи за нас овде, каков е неговиот живот, стандард, култура, образовен систем. Медиумот треба да ја приближи европеизацијата до граѓаните, но се прави спротивното. Сега имаме контраефект, па на луѓето веќе им е смачено да слушаат за европеизација и да гледаат политичари. Тие сакаат да дознаат други работи за Европа. Тоа беше главната поента - да се укаже на нешто што кај нас е алармантно. Иста е сликата и во Босна, Србија и Црна Гора. Ако од аспект на културата направите невидлива мембрана и го селектирате тоа што ќе дојде кај нас, тогаш така се гради стереотип, херметички затворена културна средина. Или пак, започнува соработка, но таа нема континуитет. Мојот став е дека културата во овој контекст во домашните медиуми не е запоставена, туку не е ни поместена во последните 20 години“, вели Донев.

Македонија е затворена културна средина

„Многу тешко ќе се случи на овој начин да влеземе во процесот на европеизација и нашите уметници и културата да бидат дел од тој процес“, вели во разговор за ДВ Џабир Дерала, претседател на НВО Цивил, која ги собра независните уметници и интелектуалците во земјата околу проектот „Проговори!“. Тоа е иницијатива за јакнење на јавната свест и солидарноста за човековите права и слободи, платформа за размена на информации, соработка и поддршка меѓу луѓето од сите области на креативната работа.

Symbolbild Theater und Masken

Вратата треба да се отвори пошироко

„Тоа тешко ќе се случи имајќи ги предвид политиката на Министерството за култура и уредувачките политики во медиумите. Имаме многу затворен систем кој не дека не може, туку не сакаат да ги отвори своите врати за културните содржини кои доаѓаат од Европа и светот, кој доживува револуција на многу нивоа, области, се создаваат нови уметности, жанрови и нови генерации уметници. Ние ништо не дознаваме од тоа ако не отвориме интернет. Мислам дека нема ни трошка надеж да продре европскиот зрак во ова општество. Политиката на власта е да бидеме затворени, да не го почувствуваме здивот на Европа, а тоа најмногу може да се случи преку културата“, вели Дерала и објаснува:

„Министерството за култура го доживуваме како институција од која еманира етноцентрична партиско-пропагандна содржина која нема никаква врска со културните вредности, уметноста или некоја стратегија за јакнење на културното милје во земјата. Ние гледаме едно културно-уметничко друштво кое се занимава со промовирање на антиевропски, антицивилизациски вредности со што уметникот и граѓанинот ги става во крајно понижувачка позиција. Тоа е шлаканица за човековото достоинство и правата, а особено на уметниците“.

Од многу политика ќе се замрази идејата за европеизација

„Кога има критична маса, многу полесно функционираат уметниците внатре и полесно го добиваат својот статус. Секако, тие ќе се изборат во некои понормални услови од оние кои ги имаме денес. Сега и да сакате да промовирате некој културен концепт, тоа е рамно на Сизифовски потфат“, вели Донев и завршува:

„Медиумите треба да бидат поотворени, поеклатантни и со широко отворени очи и ум! Ако ништо друго, барем да се вратиме на старите позиции кога културата беше дел од централните дневници на ТВ или радио“.