1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Европа ја прифаќа одговорноста

Ќе испрати околу 7000 војници во мисијата во Либан. Одлуката ја донесоа шефовите на европските дипломатии на вонредната седница во Брисел на која учествуваше и генералниот секретар на ОН, Кофи Анан.

Штајнмаер и Анан задоволни од состанокот во Брисел

Штајнмаер и Анан задоволни од состанокот во Брисел

По вонредната министерска седница во Брисел, генералниот секретар на ОН Кофи Анан изјави дека очекува уште во наредниве денови, а не во наредните недели првите 4000 војници да бидат распоредени во Либан, бидејќи тоа го бара ситуацијата на теренот. Сепак Анан е задоволен.

„Трупите за кои се договорија Европејците сега се веќе половина од вкупниот број планирани во мисијата. Со тоа Европа ја презема целосната одговорност“.

Италија ќе испрати 3000 војници, што е и најголемиот европски контингент. Тие од февруари 2007, ќе ја преземат и командата на мисијата која дотогаш ќе ја води Франција, која сепак ќе испрати 2000 војници. Од останатите земји, Шпанија во мисијата ќе учествува со 1200 војници, Полска со 500, Белгија со 400,а Финска со 250 војници. Германија ќе биде дел од воената морнарица која ќе ја набљудува морската граница меѓу Израел и Либан, но германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер се уште не сакаше да соопшти колку војници на Бундесверот ќе бидат ангажирани. Штајнмаер, состанокот на врвот го оцени како многу позитивен:

„Ова е успех за цела Европа. Овој состанок внесе поголема јасност во дискусијата отколку што се очекуваше.“

Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан очигледно успеа јасно да им го претстави мандатот на сините шлемови и така да ги убеди шефовите на европските дипломатии. Војниците на ОН ќе имаат робустен мандат, што значи ќе можат да се одбранат со оружје или да го употребат за одбрана од насилство. Но, немаат мандат да го разоружуваат Хезболах, објасни министерот Штајнмаер:

„Одговорни за разоружување на Хезболах е задолжена либанската држава. Резолуцијата на ОН јасно кажува дека УНИФИЛ треба само да помогне. И генералниот секретар јасно кажа дека разоружувањето на Хезболах е политички процес“

Само со примена на сила Хезболах нема да биде совладан, смета и Анан. Тој ги повика сите страни во конфликтот, а пред се Израел и Либан да започнат политички процес со кој ќе се постигне траен мир и решение за конфликтот:

“Меѓународната заедница мора да ја преземе својата одговорноста, но и Либан мора да ја преземе сопствената одговорност и да ја спроведе во дело Резолуцијата 1701“, изјави Анан.

Таа резолуција содржи и разоружување на Хезболах, потенцираше Анан за кој стационирањето на либанската армија на југот на земјата е вистински чекор. Инаку покрај трупите на ЕУ, во мировната мисија своја војска ќе испратат и најверојатно Турција, Индонезија, Бангладеш и Малезија. Кофи Анан во наредните денови ќе патува и на Блискиот Исток во обид со завојуваните страни да пронајде мировно решение.