1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европа треба да понуди форум за преговори за името!

Без преговарање, нема решение во спорот за името меѓу Скопје и Атина. Брисел треба да понуди таков форум - се слушна на конференцијата за социјалните последици од економската криза врз Западен Балкан, одржана во Берлин.

Блиска, а сепак далечна и се' подалечна - вака од гледна точка на обичниот човек од Балканот (екс Ју-републиките со исклучок на Словенија и Хрватска) наликува доближувањето до Европската унија. Не многу одамна, некаде изминатава година се слушнаа гласини дека по Хрватска – во проширувањето ќе има пауза. Како аргументи за олабавување во процесот се наведуваа финансиската и економската криза, капацитетот на европските институции, замореноста од проширувањето. Речиси редовно по ваквите гласини, европската политика ова благо го демантираше со образложение дека се’ уште важат ветувањата за европската перспектива на земјите од Западниот Балкан дадени на самитот во Солун во 2003. година. Сега и политичарите и експерите се категорични дека една од последиците на финансиската криза на Европа, (покрај економските и социјалните) е и колатералната штета врз политиката, а со тоа и проширувањето на ЕУ. Или, како што истакна Роланд Феихт (Фондација Фридрих Еберт) идентификацијата со Европската унија се’ повеќе се намалува, спласнува притисокот врз реформите кои се потребни за пристапниот процес, расте опасноста дека со пролонгирање на институционалните реформи ќе надвладеат лошите страни на политичките системи, што е опасно и кои за одговор ги имаат зголемувањето на национализмот и популизмот. За ваквиот амбиент и за политичките колатерални штети во земјите од регионот во Берлин дискутираа учесниците на конференцијата за социјалните последици од економската криза врз Западниот Балкан (29.ноември), организирана од Фондацијата Фридрих Еберт и Друштвото за Југоисточна Европа.

Проширувањето во втор план

Веќе е познато дека проширувањето не е меѓу приоритетите на грчкото претседателство со ЕУ во првото полугодие од 2014-тата. Ова е негативен сигнал за регионот и потврдува дека ветувањата и реалноста не одат секогаш рака под рака. Според Рица Панајоту од Центарот за планирање и економски

Griechenland EU Flaggen bei Akropolis Symbolbild Finanzkrise Gipfel

Проширувањето не е на агендата на грчкото претседателство со ЕУ

истражувања од Атина, од 2003-тата, кога биле дадени ветувањата за европската иднина на Балканот, досега многу работи се сменети. Таа повтори дека поради рецесијата Грција во прв план ги стави економските задачи: стопанскиот пораст, кохезијата, монетарната унија, миграциите. Проширувањето, како истакна, иако не е во приоритетите, сепак ќе се одвива. Интересно е што Панајоту во својата елаборација за влијанијата на грчката криза врз соседите, Македонија ја именуваше како Македонија, без никакви референци и кратенки. На прашањето на еден од учесниците: дали во текот на грчкото претседателство гледа решение за спорот меѓу Македонија и Грција околу името, Панајоту кратко одговори: „Мислам дека е можно, но не верувам дека ќе се разговара“.
Македонскиот претставник во дискусијата, Љубомир Фрчковски, го презентираше гледиштето дека за надминување на спорот со Грција неопходен е вистински форум за преговарање за името.
„Брисел треба да го понуди тој форум, бидејќи Нимиц и Обединетите нации не се место за преговори. Нимиц е посредник, но не преговара. Тој пренесува пораки на релација Атина - Скопје. Најчесто премиерите на двете земји се обраќаат до својата јавност, најчесто се тврди по ова прашање.Така не се преговара. Ако сериозно се разбира проблемот на преговорите, Брисел треба да влезе посмело во негово решавање. Треба да овозможи форум на преговори во кој експерти од двете страни ќе разгледаат во детал некое одржливо решение, потоа истото ќе им го претстават на премиерите да го прифатат или не. Тоа се прави со силен медијатор, а тоа може да биде Германија. Средбата на Меркел со Нимиц е елемент која покажува дека размислувањата одат во таа насока“, истакна Фрчковски, кој за ДВ прецизираше дека на неформалната вечера со пратеници на социјалдемократите од Бундестагот отворено било кажано дека постојат размисли посериозно да се разгледа опцијата за иницирање преговори кои би се воделе под покровителство на

Sitzungssaal im Europaparlament Brüssel

Неизвесно е дали по изборите во мај 2014, во Европскиот парламент ќе има ист ентузијазам за проширувањето

Брисел.Забелешките на некои од дискутантите дека Европа не треба да влегува во билатералните спорови, Фрчковски ги коментира со фактот дека Европа досега веќе посредувала во хрватско-словенечкиот спор, во српско- косовскиот, што значи таа се јавува како медијатор само доколку смета дека тој спор е многу важен и дека има изгледи да биде успешно решен.
„Бидејки кружи некаков неформален предлог околу името, треба формално да ни понудат место за преговори. Ако од тоа нешто излезе, можат многу лесно понатаму да го дадат на Обединетите нации со што би се ’покрил’ и Нимиц. Но, негде мора да преговараме. Без преговарање - нема да има решение!“, изјави за ДВ Љубомир Фрчковски..

Дефинирање на интересите

Инаку, во делот на колатералните штети од кризата врз политиката, беше истакнато дека во сите држави од Балканот кои претендираат кон ЕУ има проблеми. Некаде помалку, некаде повеќе се создаваат политички системи кои добиваат авторитарни димензии, во кои не владее правото, каде нема слобода на медиумите, каде нема независно судство. Европските институции немаат анализи што навистина се случува на Западниот Балкани и не знаат како да ги притиснат владите да ги имплементираат примените сугестии. Затоа е потребно некомпромисно инсистирање и притискање врз владите за спроведување на европските барања и критериуми по споменатите витални прашања за демократијата.

Porträt - Tanja Fajon

На Западниот Балкан треба да му се дадат нови сигнали -Тања Фајон


Искуството од Словенија го пренесе Тања Фајон, пратеник во Европскиот парламент. Таа потсети дека во 2003, кога Словенија стана членка на ЕУ и НАТО, постоел голем ентузијазам за Европа. Денес, Словенија се соочува со криза, политички и општествени поделби. Затоа е важно, вели Фајон, да се редефинираат интересите, да има консензус на политичките елити и општеството. Изборите за европските институции во 2014-таа може да предизвикаат големи промени во моќта на Унијата. Според Фајон, во годините на кризата, особено се во пораст националистичките и популистичките сили кои се против европските интеграции.
„Доколу не дојде до промена на мислењето, во наредниве месеци ќе има опасна ситуација. Има согледувања дека дури 30 проценти од местата во Европскиот парламент може да ги добијат пратеници од националистичките партии, што е вистинска закана за демократијата и ќе има големо влијание врз проширувањето“, предупреди Фајон, која посака Европската унија како проект заедно со проширувањето - да преживее! Таа потсети и на големата придобивка за граѓаните од Западниот Балкан - визната либерализација, изразувајќи надеж дека усвоениот заштитен механизам за суспензија никогаш нема да се примени.
„Се губи ентузијазмот на Балканот за проширувањето, зашто во минатото имаше многу ветувања кои не бевме во состојба да ги одржиме. На некои политичари, кои се вплеткани во корупција, ваквата ситуација им одговара и не мора да трчаат за влез во Унијата. Затоа, треба да има самит - Солун 2, со кој симболично, по најголемото проширување би се дал позитивен сигнал за Западниот Балкан“, предложи на крајот на расправата околу кризата и проширувањето Тања Фајон.
Инаку, на Конференцијата која ја отвори Гернот Ерлер и на која учествуваа истакнати експерти за Балканот, панелист беше и Дане Талески (Централен европски универзитет Будимпешта – Скопје) кој се осврна врз невработеноста кај младите и осиромашувањето на старата генерација (пензионерите). Тој го изнесе и фрапантниот податок за песимизмот кај младите, кој особено е карактеристичен за Македонија. Дури 40 проценти од младите во Македонија не веруваат дека иднината ќе им’ биде подобра, за разлика од нивните врсници во Србија кои ( 72 проценти) се оптимисти и се надеваат на подобро утре!