1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Европа со две брзини не треба да се постави како цел, но ќе биде излез од ќорсокакот

Целосно е неизвесно дали на самитот на ЕУ, што започнува денеска во Брисел, ќе биде утврден "возен ред” за донесување на устав на ЕУ.

default

Германскиот канцелар Ангела Меркел ќе има тешка задача на самитот на ЕУ

За канцеларот Ангела Меркел и Германија како претседавач со ЕУ, самитот што започнува денеска во Брисел е прашање на се’ или ништо. Помрднување од мртвата точка на која веќе 2 години се наоѓа проектот за устав на ЕУ Меркел го постави како централна тема на германското претседателство – сега на крајот од тие шест месеци владее целосна неизвесност дали ќе биде направен пробив. Се’ остана да се реши на средбата на шефовите на држави или на влади.

Ќе биде ли спасен проектот за европски устав, иако тој нема да носи такво име. Ако не, што потоа? Околу овие две прашања се врти се’ – тие ќе ги преокупират учесниците на самитот. “Започна финалниот натпревар за иднината на уставот на Унијата. Ако во Европскиот совет не постигнеме согласност, сме загубиле сите заедно – земјите членки и Европа” – вели германскиот минисер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер.

Во подготовките за самитот не е постигнато приближување на ставовите. Полска тврдоглаво се опира на предложениот начин за идното донесување решенија со квалификувано мнозинтво. “Има различни начини да се постигне напредок, но Полска во никој случај нема да се согласи со принципот на гласање предложен во уставниот текст” – нагласи министерот за надворешни работи Ана Фортига.

Но, не е само Полска – има дури 15-ина спорни точки. Оттука, германската влада не исклучува ни можност самитот да доживее неуспех. Заменик-портпаролот Томас Штег вели: “Можеме да сметаме прво, дека во Брисел ќе биде многу, многу тешко да се направи пробив, како и дека преговорите можеби ќе траат и нешто подолго”. Германското претседателство укажува и на фактот дека Полска веќе го ратификува нацрт-уставот, односно договорот, и оти нејзината позиција е осамена во Унијата.

Тоа го нагласува и претседателот на Европскиот парламент Ханс-Герт Петеринг: “Тие не можат да бидат против сите други земји во ЕУ, против Европскиот парламент и против Комисијата на Унијата. Полјаците не смеат да заборават дека солидарноста е нешто меѓусебно, а не еднонасочна улица. И на Полјаците им е потребна Унијата и нејзините институции, тоа уште мора да го учат во Варшава, во оваа тамошна влада”.

Навистина, непосредно пред почетокот на самитот и од Варшава тонот како да се менува во насока кон готовност за компромис, но ако сепак владата остане тврдокорна, тогаш во основа има две опции: или германското претседателство ќе го одложи решението околу постапката за гласање, или пак, и покрај евентуално полско вето, ќе свика конференција - тогаш под португалско претседателство, за да се изработи предлог-устав.

Премиерот на Луксембург Жан-Клод Јункер предупреди: “Доколку се утврди дека има толку големи разлики меѓу 27-те земји, што е неможно заедничко постапување, тогаш нужно ќе дојде до тоа, некои земји да тргнат понатаму без другите. Европа со две брзини не треба да се постави како цел, но ќе биде излез од ќорсокакот доколку неразумно се втурнеме во него”.

Анке Хагедорн