1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европа се крие зад спорот околу името

Грчкото оспорување на Македонија официјалното да го носи тоа име и новиот предлог за решение што доаѓа од непрофитниот тинк-тенк институт „Иницијатива за европска стабилност“ се повод за напис објавен во весникот „ФАЦ“.

default

Спорот авторот на текстот „Во име на името“ Михаел Мартенс го означува како „веројатно најнеобичен и најизлишен политички конфликт во Европа“ и пренесува дека „едно образложение што често може да се слушне во Атина гласи дека Македонија со државното име бесправно се повикува на наследството на Александар Велики и со тоа ја монополизира историјата. Тоа Грција порадо самата би го правела“. Тој потоа опишува дека во април 2008 година спорот бил на чекор до решение, дека наводно премиерот на Македонија Никола Груевски на самитот на НАТО во последен момент се согласил за предлогот Република Македонија (Скопје), но тоа го одбила Грција.

FAZ Titel

„Грција го спречува почетокот на преговорите за пристапување кон ЕУ, оти во Атина се стравува дека колку Македонија ќе се доближува до ЕУ, толку ќе попушта нејзиниот притисок врз таа држава. Сега, кога Македонија не може да направи ниеден чекор во таа насока без согласност од Грција, се претпоставува дека тоа дејство на лост уште е доволно силно, за да се принуди соседната држава да прифати друго име. Но, Македонија под раководство на Груевски исто така не се покажа секогаш флексибилна и особено пред самитот во Букурешт се поведе од погрешната проценка дека ќе биде доволна само решавачката поддршка на САД и нивниот тогашен претседател Буш за Грците да се вразумат. Откако не успеа маневарот од Букурешт, Скопје стана уште попретпазливо, можеби и понедоверливо“, се вели во прилогот.

За стравувањата во Македонија дека и ако го промени името, Грција би продолжила да поставува натамошни барања во текот на преговорите за пристап во ЕУ, вклучително и за промена на името на јазикот и националноста, авторот вели дека такво нешто и навистина стоело во неофицијален грчки документ со максималистички позиции, кој некако стигнал и до медиумите и не бил демантиран. „Барањето Македонците да мораат не само да си ја преименуваат државата, туку истовремено и самите себе си, би било не само врв на бизарност, туку и политички не спроведливо“, констатира тој.

M. Martens - FAZ Journalist

Михаел Мартенс

„Апсурдниот спор околу едно име, за оние отстрана звучи од смешно до мачно, но за регионот би можел некогаш да достигне до точка, во која - ни повеќе, ни помалку - би била доведена во прашање стабилноста на регионот меѓу Косово, Албанија и Србија“. Мартенс образложува дека албанското малцинство во Македонија нема вечно да толерира да му биде „попречена сопствената перспектива поради еден конфликт со кој не сака да има ништо заедничко. На македонските Албанци им е се’ едно какво име носи државата во која живеат. Ним нема да им биде се’ едно, ако Косово, Албанија и Србија еден ден ја поминат Македонија на патот кон Европа“.

За предлогот на „Иницијативата за европска стабилност“ се вели: „Авторите предлагаат решението да содржи договорна сигурносна клаузула за обете страни. Македонија навистина би требала веднаш да го смени уставното име и во основа да прифати некој од грчките предлози за името, но истовремено во уставот да внесе и додаток дека новото име стапува во сила на денот на пристапувањето на Македонија кон ЕУ. За дополнително да ја смират Грција, авторите предлагаат обврска во договорот за пристапување на Македонија да биде прифатено претходно утврденото ново име на државата“.

Михаел Мартенс на крајот од текстот објавен денеска (16.07.2010) во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, заклучува: „Овој предлог сепак има една закачка: тој е разумен. Со оглед на ирационалноста со која пред се’ Атина го разгорува конфликтот, се крие опасност од негово одбивање. Во светлина на антипатијата кон секакво проширување на ЕУ, која сега преовладува во најголемиот дел од земјите-членки, и без тоа е блиска претпоставката дека во некои главни градови многу радо се гледа на ‘спорот околу името‘. Се’ додека Атина и Скопје се спорат околу името, Македонците лесно можат да бидат држeни на дистанца - без да мора отворено да се каже дека во моментов има сосем други грижи, а не пристапувањето на Македонија кон ЕУ“.

Автор: Михаел Мартенс „Франкфуртер алгемајне цајтунг“

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска