1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Европа се движи кон единствен азилантски режим

Еропскиот парламент денеска (12.06) го изгласа пакетот на мерки кој треба до доведе до заеднички европски режим за азил кој повеќе не би требало да наликува на еден вид лотарија според државата - членка на ЕУ.

Новиот систем кој веќе е поддржан од 27 држави - членки ќе треба да започне да функционира во второто полугодие на 2015 година.

Во 2012 година околу 330 000 барања на азил беа регистрирани во земјите- членки на ЕУ, но стапката на тие што добиваат азил е различна во зависност од земјата каде барањето е поднесено. На пример, во Грција помалку од 1% од барателите добиваат азил, наспроти 14,5% во Франција или 30% во Германија.

За да се намалат овие драстични разлики, новите мерки предвидуваат заеднички рок за разгледување на барањата, како и постриктна обука на персоналот кој работи со барателите на азил.

Регистрирањето на досието, наместо досегашните неколку месеци, со новиот режим ќе биде ограничено на три до шест дена. Разгледувањето на барањето нема да трае повеќе од шест месеци, освен во исклучителни прилики кога тоа ќе биде продолжено до 21 месец.

Покрај ова, се предвидува усогласување на законодавствата за пристап до стан, социјална и здравствена помош како и пристапот до работни места. Со новиот текст работа ќе може да се бара по девет месеци престој, наместо досегашните дванаесет.

Во случај на жалба, оние на кои ќе им биде одбиен статусот на азилант, ќе мора да останат во истата држава каде го имаат поднесено барањето. Во случај на сомневање за возраста на барателот, тој ќе се смета за малолетник и сите баратели на азил, помлади од 18 години, ќе добијат личен претставник кој ќе ги придружува во процедуралните постапки.

И овој закон има репресивен дел, се дозволува затварање на барателите на азили, при што се подразбираат и малолетниците во исклучителни ситуации, но оваа мерка е ограничена, со посебни гаранции.

Тука не беа прифатени барањата на Грција и Малта, кои бараа порамномерна распределба на европско ниво, односно барањето на азил ќе остане на товар на првата држава на ЕУ каде барателот влегол.

Предвидени се и други мерки како непренесувањето на барателите на азил кон земји кои имаат тешкотии да се справат со приливот на азиланти, како и воведување на систем за тревога пред да се појави азилантска криза.

Полицијата со новите правила ќе може да има пристап до датотеката Еуродак во која се наоѓаат отпечатоците од прстите на сите баратели на азил, за да се утврди низ која земја прво поминал барателот.

„Со ова се развиваат заеднички норми, идејата не е да се затворат границите на Европа, туку да се усогласат заеднички норми. Ова е голем чекор напред, но се‘ уште не успеавме да постигнеме се‘“ - изјави за ДВ, германскиот европратеник Манфред Вебер од групата на Народните партии.

Изгласана е и реформа на Шенгенските правила

Европскиот парламент даде зелено светло за воспоставување на времени контроли на границите од страна на државите членки, во случај на масовен прилив на мигранти, како што бараа Париз и Берлин.

Европскиот парламент се изјасни и за создавање на тело на инспектори, составено од експерти на Европската комисија, специјализирани агенции на ЕУ и на државите членки, кои ќе бидат овластени да извршат ненајавени посети, со цел да се спречат илегалните контроли кои националните власти можат да ги спроведуваат на внатрешните граници на ЕУ.

Европратеникот Манфред Вебер е на мислење дека промените во Шенгенските правила и режимот за азил, засега не би требало да го загрози безвизниот режим за земјите од Балканот

„Со законодавството кое го усвоивме сега не гледам ризици. Но ние имаме еден друг законски пакет кој се однесува на реформата во однос на визите, кои можат да бидат вратени во случај на масовен прилив. Нешто слично како кога минатата година имавме прилив на азиланти од земјите од Балканот.“

Копретседателот на Зелените, Даниел Кон-Бендит смета дека се потребни рестриктивни мерки за намалување на бројот на барателите на азил.

„Од моментот, кога ќе се одлучи дека барателите на азил треба да го поднесат барањето во земјата - членка на ЕУ во која прво влегле, со тоа ќе бидат намалени за 2/3 барањата на азил во Германија, каде може да се дојде само со авион.“ Притоа тој предупредува дека овие мерки нема да го намалат бројот на илегалците, луѓето и понатаму ќе влегуваат во ЕУ.

„Во последно време се‘ уште имаме многу алармантни информации. Се‘ уште има многу луѓе кои доаѓаат во земјите кои имаат ’љубезен’ систем за азил, како Германија, Шведска или Белгија, Луксембург, Холандија и таму остануваат подолго време, тоа се трошоци за властите и по извесно време ги враќаат назад. Тоа е сериозен проблем, бидејќи живееме во ситуација во Европа кога се става во прашање безбедноста на границите, слободата на движењето, има многу популизам, национализам,“ – вели Тања Фајон, известувачка на ЕП за визната либерализација за земјите од Балканот.

Во ЕП повеќе од една година се расправа за одредбата на механизмот за привремена суспензија на безвизниот режим за сите земји кои денес го користат.

„Кога еден ден ќе го усвоиме тој механизам, стравувам дека земјите од Западен Балкан ќе бидат првите кои ќе бидат на мета, односно ЕУ ќе побара привремена суспензија.“

Притоа Фајон предупредува дека е важно сите власти во регионот да направат се‘ што е можно за граѓаните да ја почитуваат слободата на движење, да не ја злоупотребуваат оваа слобода, бидејќи во прашање е целиот безвизен режим.