1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Европа: Популистите во лов на гласови кај „изгубената генерација“

Висока невработеност, присилно штедење и слаб пораст на економијата: Во кризните земји многумина стравуваат за својата иднина. Нетрпението е најголемо кај младите, а со тоа и опасноста од радикализација на општеството.

Европа полека и со тешка мака се извлекува од кризата. Економијата во наредната година би требало да порасне за околу еден процент. Во многу држави погодени од економската криза исто така се бележи раст, но економскиот пораст е веројатно преслаб за да може значително да ја подобри ситуацијата на пазарот на труд која е со години многу тешка.
Шансите за вработување се пред сѐ за многу млади Европејци и во шестата година на кризата многу лоши. Во октомври 2013. година повеќе од 3,5 милиони Европејци помлади од 25 години беа невработени. Во Шпанија и Грција стапката на невработеност кај младите изнесува повеќе од 50 проценти.
Но помладите генерации од јужна Европа немаат слаби шанси на пазарот на труд само од избивањето на економската и финансиската криза. Карл Бренке од Германскиот институт за истражување на економијата (ДИВ) во Берлин предупредува на структурните причини за таквиот развој на ситуацијата. Имено, многу млади во јужна и во источна Европа или воопшто немаат завршено образование или квалификациите кои ги стекнале се мали. Отежнувачка околност е и тоа што пазарите на труд во државите погодени со кризата и покрај реформите сѐ уште се премногу регулирани.

Резигнација наместо протест?

И јавноста и европската политика го препознаа проблемот на младите невработени генерации. Кога младите немаат перспектива, тоа ги загрижува и старите. Летоска ЕУ организираше собир со еминентни стручњаци токму на тема невработеност кај младите. Исто така и од сопствен интерес. Бидејќи, една „изгубена генерација“ не може да биде во интерес на политичарите.
Стручњакот за истражување на пазарот на труд Бренке предупредува на можните последици: „Кога младите луѓе веднаш на почетокот наидуваат на потешкотии при барањето работа и кога им се заканува невработеност, тогаш често расте и нивното дистанцирање од општеството.“
„Најпрво доаѓа до разочарување“, објаснува политикологот Кристијан Брзински-Фај од Истражувачкиот центар во Берлин, кој го истражува периодот на преминување на младите од училиште на пазарот на труд. Тој вели оти одлучувачки фактор е пред сѐ траењето на невработеноста. „Од разочарување потоа се развива фрустрација, која може да доведе до долгорочна резигнација“, објаснува овој стручњак.

Обесхрабрените“ им се покажуваат на борбените

Но, сликата на младите во јавноста секако нема многу врска со резигнацијата. Многу млади од јужна Европа не се предаваат. Во Шпанија го започнаа движењето „Индигнадос“ („Бесни“), а и во други држави погодени од кризата излегуваат на улиците и бараат промени- се чувствуваат измамени за својата сигурна иднина, благосостојба и семејство.


Се работи за една култура на протести која понекогаш може да се претвори во бес: „Тоа е генерациски протест. Младите луѓе се чувствуваат искористени и оставени од постарите генерации. Тие сега мораат да плаќаат за сѐ што не постигнаа старите генерации на политички и економски план“, заклучува политикологот Брзински-Феј.

Радикализација како нужна одбрана?

Делумно поттикнати од овие протести, во одделни држави во ЕУ расте и популарноста на евроскептичните и десничарски партии. Демонстрантите најдоа жртвено јагне и ЕУ ја сметаат одговорна за лошата економска состојба. Ако се задржи постоечкото политичко расположение во Унијата, на претстојните избори за Европскиот парламент уште повеќе гласови би можеле да добијат деснопопулистичките партии.
„Растот на деснопопулистичките партии можеме да го набљудуваме во земјите како што се Франција, Холандија или пак во скандинавските држави“, тврди Брзински-Фај. Меѓутоа, овој политиколог не се плаши од голема радикализација на општеството бидејќи смета дека демократската култура за такво нешто не е пресилна: „Радикализмот е класична реакција на недостаток на перспектива. Но нема секој кој смета дека му се скратени можностите, да стане десен радикал.“