1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Европа не може да се справи ни со сопствените сиромашни сограѓани

Европа се соочува со бран имигранти, кои бегаат од сиромаштијата и бараат спас. Но, во Европа во сиромаштија веќе живеат милиони лица - и тоа без многу шанси да излезат од неа.

Советот на Европа во Стразбур

Советот на Европа во Стразбур

Сиромаштијата од недомна, просто експлодира во Европа. Се смета дека 80 милиони лица се погодени од овој феномен во земјите членки на Европската Унија, што претставува 16 % од вкупното население. Во земјите од Централна и Источна Европа и од поранешниот Советски сојуз, според Светската банка околу 60 милиони лица живеат со помалку од 2 американски долари дневно.

„Сиромаштијата ги погодува посебно семејствата, хендикепираните лица, старите, самохраните мајки, децата и многу други категории. Стапицата на сиромаштијата е тоа што таа се пренесува од генерација на генерација и понекогаш е невозможно да се излезе од неа“, констатира со голема горчина италијанскиот пратеник Лука Волонте.

Влијанието на светската економска криза

„Сиромаштијата е делумно и резултат на економската и финансиската криза низ која минуваме, но таа постоеше и порано како резултат на конкретни политички одлуки. Од 2008 година 42 милиони граѓани на ЕУ живеат во наново создадена сиромаштија.

Bilder der Woche Arrmut

Во таков контекст, да се принудуваат Грција и Португалија да го стегаат ременот во рамките на нивното радикално финансиско заздравување, може само да го влоши проблемот и да ја компромитира можноста на милиони лица за исполнување на основните социјални и човекови права“ - нагласува Катрин Вернер од Германија.

Норвежанката Третебегстуен смета дека има методи за борба против сиромаштијата и дека може да се направи повеќе во таа борба. „Но сепак, на нашите земји сурово им недостига политичка волја за тоа“. Таа смета дека пристапот кон образованието е клучниот елемент во борбата против сиромаштијата. Со овој аргумент се сложија и другите учесници во дебатата на ПС на СЕ.

Презадолжувањето опасност за демократијата

Во дебатата беше подвлечено дека презадолжувањето на државите претставува и реална опасност за демократијата и човековите права. На пример во 2010 јавниот долг на Грција достигна 125% од внатрешниот бруто производ, во Италија 118,2%. Во Португалија тој изнесуваше 86%, во Франција 83,6%, во Велика Британија 79,1% и во Германија 78,8%.

Презадолжените земји како Грција се посебно погодени од сиромаштијата

Презадолжените земји како Грција се посебно погодени од сиромаштијата

При тоа сиромашните држави повеќе не можат да ги исполнат нивните обврски кон граѓаните. Ако не се направи нешто за да се спречи презадолжувањето на државите тоа ризикува да ја компромитира и иднината на Европа, сметаат пратениците од 47 земји членки на СЕ.

Жените повеќе загрижени од мажите

Она што посебно погодува е фактот дека во дебатата зедоа учество многу повеќе жени пратеници. ПС на СЕ од Стразбур испрати повик до земјите членки да ја променат концепцијата на јавната политика и да и’ стават крај на сиромаштијата кај децата до 2025 година и посебно на големата сиромаштија во Европа. Под голема сиромаштија се подразбира кога дневно се живее со помалку од еден американски долар.

Пленарната сала на Советот на Европа

Пленарната сала на Советот на Европа

Стратегиите на намалување на сиромаштијата треба да се втемелени врз принципите на човековите права, како и гаранциите за најпогодените слоеви на населението да имаат пристап и да ги уживаат нивните социјални права.

Во таа насока се повикуваат Државите членки да ја ратификуваат и спроведат на дело Европската ревизирана социјална повелба и посебно да се следи како таа се спроведува. Државите треба да инвестираат, бидејќи без инвестиции нема ни безбедност ниту развој.

Апели и предлози

Од Стразбур беа испратени и конкретни предлози за справување со сиромаштијата, како: поголемо оданочување на побогатите, поправедна распределна на богатството, поефикасна борба против невработеноста, како и поголема праведност при утврдувањето на платите, утврдување на минимална гарантирана плата и изнаоѓање трајни решенија за да им се помогне на лицата кои живеат во сиромаштија и да се спречи нови лица да западнат во неа.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Горан Чутаноски