1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Европа - континент на мир

Непосредно пред проширувањето на Европската унија на 1 мај, сојузната влада и опозицијата денеска во Бундестагот го поздравија зачленувањето на десет нови држави од Европа како конечно надминување на поделбата на континентот

Шредер ја чита владината изјава

Шредер ја чита владината изјава

Во владината изјава пред парламентарците, канцеларот Герхард Шредер подвлече дека овој чин нуди единствена шанса Европа да се претвори во место на долгорочен мир и благосостојба за нејзините граѓани.

“Повеќе од 45 милиони луѓе во Европа беа жртви на војна што во историјата влезе како Втора светска војна. Пред таквото милје мислам дека мора да се каже оти сите дискусии за прашањата на економијата, за даночните права, секако важни, но сепак не се ништо во однос на заднината на оваа историска димензија“. Шредер укажа на големите економски шанси што се отвораат со зачленувањето на новите држави. Според неговата проценка, Германија веројатно најмногу ќе профитира од надворешната трговија со нив. Новите можности дефинитивно ќе ги надминат ризиците. Проширувањето нема да не осиромаши, туку во перспектива ќе не направи побогати, подвлече Шредер.

Шефицата на фракцијата на опозиционата ЦДУ-ЦСУ Ангела Меркел проширувањето на Европската унија го означи како ден на радост.

“Она што ќе го доживееме утре не е ништо друго туку вториот голем чекор на повторното обединување на Европа. А тоа повторно обединување значи пред се полититко, економско и културно збогатување на сите и им отвора перспективи пред се на младите, подвлече Меркел.

Како и Шредер, така и министерот за надворешни работи Јошка Фишер укажа на неопходноста од брза согласност за европскиот устав.

“Ако го усвоиме уставот, ако оваа проширена Европа стане ефикасна за дејствување, тогаш тоа ќе биде успешна приказна“.

Затоа, според него, концентрацијата мора да се насочи кон тоа уставниот процес да биде завршен уште во периодот на ирското претседателство до крајот на јуни.

Шефот на либералите Гидо Вестервеле побара во Германија да се одржи референдум по повод европскиот устав. Тој укажа дека уставот може да смета на широка поддршка во Бундестагот и затоа треба да се постави прашањето зошто парламентот не си верува дека може да предизвика и согласност кај мнозинството од граѓаните.

Повторно спорно беше и прашањето за можното членство на Турција во Унијата. Шредер и Фишер јасно укажаа дека на Анкара треба да и се отвори перспектива за членство. Приклучувањето на земјата кон ЕУ ќе значи енормно зголемување на безбедноста, рече канцеларот:

“За нашата земја, за цела Европа, ќе биде постигната голема безбедност до колку ни успее преку приемот на Турција да оствариме помирување меѓу еден нефундаменталистички Ислам и европските вредности“.

Фишер подвлече дека ќе има фатални последици ако на Турција по сите досегашни ветувања и биде затворена вратата кон Унијата. Наспроти тоа, Меркел предупреди дека на Турција не треба да и се даваат ветувања кои потоа нема да можат да се остварат. Престедателот на ЦСУ Едмунд Штојбер подвлече дека приемот на Турција ќе ја оптовари интегративната спососбност на Европската унија. Контроверзни тонови имаше и околу даночната политика во Европа. Шредер се изјасни за тоа во директното оданочување да се создаде еден вид коридор за да се спречи дампинг оданочувањето во источниот дел на Европа. Штојбер пак предупреди одделни земји на Унијата субвенциите да не ги користат за тоа вештачки да одржуваат ниски даночни стапки.