1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Европа во ножичките на рускиот испорачувач на гас - Газпром

Русија ја надградува својата позиција како испорачувач на гас за Европа. Со изградбата на гасоводот Јужен тек која почнува денеска (07.12.2012) Москва ја намалува зависноста од транзитните земји како Украина.

Владимир Путин доаѓа лично. За претседателот , кој подемот на Русија во енергетска суперсила го прогласи за главен приоритет, денеска ќе биде поставен уште еден темел на тој пат. Имено, во близина на туристичкото место Анапа на Црното Море во јужна Русија, ќе бидат поставени првите цевки на гасоводот Јужен тек. Тој прво ќе минува 900 километри под вода, а на површина ќе излезе во близина на бугарското пристаниште Варна. Оттаму рускиот гас треба преку Србија, Унгарија и Словенија да биде пренесуван се’ до Италија.

Овој проект тежок милијарди евра го реализира рускиот концерн Газпром, кој учествува со 50 проценти во конзорциумот Јужен тек. Натамошни сопственици се италијанскиот енергетски концерн ЕНИ со 20 насто, францускиот ЕДФ и германскиот Винтершал со по 15 проценти. Претседател на надзорниот одбор на конзорциумот е поранешниот градоначалник на Хамбург, Хенинг Фошерау. Според официјалните податоци, проектот би требало да биде завршен до крајот на 2015 година и потоа годишно би требало да транспортира до 63 милијарди кубни метри гас.

Нова стратегија на Газпром

Russland Abkommen Gasprojekt South Stream

Станува збор за речиси исто количество гас кое во моментов преку Украина пристигнува во Европа. Украина досега беше главна транзитна земја за рускиот гас. Преку гасоводите поставени уште во времето на Советскиот сојуз во ЕУ пристигнуваа 80 насто од извезениот руски гас.

Но овие времиња се минато. Роланд Гец, кој со години беше експерт за Русија во берлинската фондација „Наука и политика“ говори за „нова стратегија“ на Газпром.

Целта на овој енергетски концерн под државна контрола е транзитните земји да бидат заобиколени со гасоводи под вода. Како прв проект во 2011 година беше релизиран гасоводот Северен тек, кој преку Балтичкото море рускиот гас го транспртира директно во Германија. Со Јужен тек следува вториот чекор во насока на југ, вели Гец. На географската карта овие гасоводи изгледаат како ножички, меѓу кои се наоѓа Европа.

Украина - губитник

Во новите брошури на конзорциумот Јужен тек, Украина воопшто не се појавува. Во изминатите години испораките на гас од Русија за Европа повеќе пати беа прекинувани, затоа што Русија и Украина спореа околу цената на гасот. Украина се гледа себеси како жртва на новата руска енергетска политика, затоа што ќе ги загуби приходите од транзитот на гас.

Економичноста на проектот Јужен тек меѓутоа е спорна. Со планираните 16 милијарди евра Јужен тек е двојно поскап од Северен тек. Украинската влада поради тоа укажува дека модернизацијата на постоечкиот гасовод со 4,5 милијарди евра би била значително поевтина.

Нејасно е и како во иднина ќе се развива ситуацијата кога станува збор за побарувачката на руски гас.

„Јужен тек доаѓа во момент кога европскиот пазар на гас е на пресвртна точка“, вели Роланд Гец. Побарувачката не расте во толкава мерка како што беше прогнозирано. Причина за тоа се новите енергетски извори како биолошкиот гас кои пазарот ќе го направат понепрегледен, смета овој експерт,

На Русија и‘ е познато тоа, но сепак, во Кремљ се оптимисти, „Дури и ако побарувачката на гас се намали, ќе дојдат и подобри времиња“, изјави Путин летоска.