1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европарламентот повторно побара почеток на преговорите со Македонија

Европскиот парламент со 582 гласови „за“ и 70 „против“ попладнево ја усвои резолуцијата за напредокот на Македонија во 2011 година. Во неа европратениците уште еднаш бараат старт на преговорите за пристап во ЕУ.

Европскиот парламент со огромно мнозинство на гласови ја усвои резолуцијата за напредокот на Република Македонија во 2011 година, во која уште еднаш европратениците бараат од Европскиот совет да утврди во најкраток рок, датум за почеток на преговори за прием на Македонија. Во неа се подвлекува и важноста да се поддржат напорите во процесот на европската интеграција на земјата.

Известувачот Ричард Хауит при претставувањето на предложениот текст, нагласи дека Македонија мора да се придвижи напред во евроинтеграциите, при што тој рече:

Richard Howitt

Известувачот на ЕП за Македонија, Ричард хауит

„Минатата недела слушавме за меѓуетнички инциденти, и оттаму ми е потребно на земјата да и помогнеме да се движи напред. Тоа не е важно само за земјата туку и за нас. Околу проблемот за името сакам да кажам дека не постои некоја скратена постапка. Одлуката на Меѓународниот суд ни покажа дека не ги разбираме чувствата на луѓето на оваа земја и затоа ни е потребно решение што во себе ќе ги вгради и правните механизми.“

Прифатени амандманите на Хауит и Кукан, отфрлени сите други

Европратениците ги прифатија трите амандамани на известувачот Ричард Хауит, со кои се додава нов параграф во Резолуцијата, при што се нагласува дека „отворањето на дијалогот на високо ниво меѓу Комисијата и Македонија на 15 март 2012-та година, претставува чекор напред во процесот на членството на земјата во Унијата“. Оценувајќи дека „дијалогот ќе дозволи создавање на нови ангажирања во корист на реформите и зајакнување на меѓусебните односи во рамките на семестралните политички состаноци“.

Хауит, го дополнува и текстот со настанатите промени во Македонија со најавата на македонската влада за депенализацијата на клеветата. Притоа се нагласува дека самитот на НАТО во мај 2012, и Советот на ЕУ во мај 2012, „се значајна прилики за да се напредне.“

Истовремено,се отфрлени амандманите на грчкиот европратеник Николаос Салавракос, поддржан од литванецот Роландас Паксас, со кои се бараше бришење од резолуцијата на терминот „македонски“, како и поздравувањето на успехот на македонските кошаркари на европското првенство. Што не беше многу поддржано многу ниту во утринската дискусија во ЕП.

Со мало мнозинство е отфрлен и амандманот на зелените во кој се поздравуваше предлогот на грчката влада за сложено име за Македонија, со географска одредница. Овој предлог, според предлагачите беше добра основа за компромис, но под услов да не бидат ставени во прашање македонскиот национален идентитет, јазикот и културата.

NO FLASH Stefan Füle EU Europäische Kommission

Еврокомесарот Штефан Филе

Претходно во дебатата, претседавачот со Европскиот совет, данскиот министер за европски прашања Николај Вамен набројувајќи го напредокот кој земјата го постигна во изминатиот период, најави дека прашањето за почетокот на преговорите за членство во ЕУ ќе биде поставено пред Советот пред крајот на данското претседателство со ЕУ. Притоа министерот за европски прашања на Данска беше јасен:

„ ЕУ и вети на поранешната југословенска република Македонија да стане членка на ЕУ, ние тоа ветување треба да го почитуваме. Разбирам дека има членови на ЕП кои се разочарани што преговорите за членство немаат започнато. Но јасно е дека за една земја која сака да стане членка на ЕУ потребно е таа да има добар дијалог со своите соседи.“ , рече Вамен додавајќи: „ Прашањето за името е билатерално, тоа треба да биде решено на прифатлив начин за двете страни.“

За Данското претседателство е важно да се реши проблемот пред да започнат вистинските преговори. Изразувајќи надеж дека наскоро ќе биде најдено решение.

Во дебатата добар дел и и беше посветен на прашањето за името, што на говорниците не им остави многу простор за да дискутираат за другите прашања опфатени во резолуцијата на Ричард Хауит.

Пет приоритетни области за Македонија

EU Dänemark Nicolai Wammen Pressekonferenz in Brüssel Ratspräsidentschaft

Mинистерот за европски прашања на Данска, Николај Вамен

Комесарот за проширување Штефан Филе, кој го најави неговото заминување за Скопје, каде ќе учествува на високиот дијалог со Македонија, од своја страна нагласи дека високиот дијалог не може да ги замени преговорите за членство.

Тој ги зацрта петте приоритетни области на кои треба да се работи во Македонија: правната држава, слободата на изразување и печатот, пазарната екононија, јавната администрација и реформата на избворниот систем, за што добил уверувања од македонската влада дека властите ќе работата на тоа.

ЕУ ќе се вклучи во решавањето на спорот само по барање на двете страни

Во однос на барањата на Европскиот парламент за поголема вклученост на Европката комисија во решавањето на спорот со името, Филе нагласи дека дека тој од секогаш ги повикувал и Атина и Скопје да најдат решение за името со заеднички напори и компромиси.

„ООН имаат мандат во решавањето на ова прашање, ние од наша страна ќе создадеме поволна клима за компромиси и се надевам дека ќе се ангажираме во решавањето на тоа прашање, но само ако двете страни тоа го побараат од нас.“, беше јасен европскиот комесар за проширување.

Филе во таа пригода даде две забелешки.

„Една од лекциите кои можеме да ги извлечеме од минатото, кое понекогаш беше тешко во Европа, најдобар начин за да се грижиме за иднината на своите граѓани е да се грижиме исто така и за своите соседи и за начинот на кои тие ве разбираат. Друга поука е дека треба да се има идентитет со корени во минатото, тоа е јасно утврдено во нашиот сегашен и иден статут.“ , заврши Филе.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Симе Недевски