1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Европарламентот и' го укина имунитетот на Марин ле Пен

На претседателката на десно-екстремистичката француска партија Национален фронт, Марин ле Пен и е заканува судски процес поради анти-исламски искази, откако и е укинат имунитетот како европарламентарка.

Европскиот парламент и го одзеде имунитетот на европратеничката Марин Ле Пен, претседателка на францускиот Национален фронт. Со овој чекор се отвора патот за поведување на судска постапка против Ле Пен во Франција. Таа за време на еден говор во 2010 година ги спореди „молитвите на улица“ од страна на муслиманите со состојба на „окупација“. Државното обвинителството во Лион поведе истражна постапка против неа за ширење расна омраза.

Марин Ле Пен беше подготвена дека Европскиот парламент денеска ќе и го одземе имунитетот, имајќи го предвид односот на силите во него. Таа вчера пред медиумите изјави дека не се плаши и не отстапува од нејзините зборови, оценувајќи дека обвинувањето против неа може да се најде под ударот на „прекршок за мислење.“

„ Да, ќе се случи тоа, бидејќи јас сум дисидентка, но јас не се плашам, мене ми е сеедно“, изјави Ле Пен за телевизијата ЛЦИ.

Непосредно пред гласањето Бруно Голниш, еден од тројцата европратеници од редовите на Националниот Фронт заедно со Марин и Жан Мари Ле Пен, побара збор и обвини дека Марин Ле Пен не можела да даде објаснување за својата изјава пред ЕП.

Претседавачот на седницата Џиана Питела му одговори дека за Марин Ле Пен не беше спроведена специјална постапка, и дека дебатата по ова прашање се одржа претходно во комисијата за правни прашања на ЕП.

Според извори од ЕП, Марин Ле Пен била повикана трипати пред комисијата во март, април и мај за да го одбрани својот случај, но таа не сакала да одговори на поканата.