Европарламентарците ја откажаа посетата на Иран | Свет | DW | 27.10.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Европарламентарците ја откажаа посетата на Иран

Петмина европски пратеници го откажаа патувањето во Иран поради тоа што не им беше дозволено да се сретнат со двајцата ирански опозиционери кои ја добија наградата „Сахаров“.

Тарја Кронберг, европратеник од редовите на Зелените, која требаше да ја предводи делегацијата на европските парламентарци, денеска ја соопшти веста за откажаната посета. Делегацијата побара од иранските власти лично да им ја предаде наградата на двајцата добитници. Тоа од страна на властите во Техеран беше одбиено. Од парламентарни кругови во Брисел се вели дека европратениците биле пред полетување кога шефицата на делегацијата Кронберг го добила повикот од иранска страна.

Sacharow-Preis für iranische Dissidenten Nasrin Sotoudeh und Jafar Panahi KOMBO

Двајцата добитници на наградата „Сахаров“ - Сотудех и Панахи

Иранската адвокатка Насрин Сотудех и филмскиот режисер Џафар Панахи се заеднички добитници на годинешната награда „Сахаров“ што Европскиот парламент ја доделува за слобода на мислењето. Сотудех, која се залага за правата на малолетните лица осудени на смрт и опозиционерите, ја одлежува 11-годишната казна затвор. Панахи пак, е осуден на шест години затвор и е во домашен притвор.

Инаку, посетата на Иран во Европскиот парламент е контроверзна веќе извесно време. Според учесниците во делегацијата таа била замислена како дел од дијалогот со иранскиот парламент. Голем број европски пратеници, меѓутоа, изразија стравување дека посетата би можела да биде инструментализирана од страна на раководството во Техеран. Вчера (26.10) претседателот на ЕП Мартин Шулц и шефовите на пратеничките групи во Европскиот парламент донесоа одлука делегацијата да патува за Иран за да им ја врачи лично поканата за присуство на церемонијата на доделување на наградата „Сахаров“ на двајцата добитници.