1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европарламентарците сакаат стабилна политичка ситуација во Македонија

Решение на спорот за името е предуслов за идниот чекор на Македонија кон ЕУ. Ваква порака упатиле европарламентарците, кои денеска во Стразбур имаа средба со лидерот на опозицискиот СДСМ, Бранко Црвенковски.

default

Црвенковски на средбата со еврокомесарот Филе во Стразбур

„Моите разговори со претседателот Црвенковски се однесуваа на тековната политичка ситуација во Македонија. Јас му го објаснив она што е став на Европската Унија и Европскиот парламент за идната евроинтеграција на земјата, дека наоѓањето на решение за името на земјата е апсолутен предуслов за идниот чекор на Македонија во Европската Унија“, ни изјави Едуард Кукан, известувачот на пратеничката група на Народните партии за Македонија.

Кукан вели дека станало збор и за внатрешната ситуација во земјата:

„Мојата порака, која му ја пренесов, е дека Брисел очекува позитивни вести за ситуацијата во земјата, бојкотот на парламентот е лошо решение, идните аспирации на Македонија за членство во ЕУ бараат таа да покаже дека има стабилна внатрешна политичка ситуација во земјата и да се продолжи со реформите.“

Многу треба да се работи за изнаоѓање решение за името

Eduard Kukan

Европратеникот Едуард Кукан

Јоханес Свобода, првиот известувач во ЕП за Македонија веднаш по разговорот со претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски беше уште подиректен во однос на европската интеграција на земјата.

„Потребно е да се најде решение за името на Македонија, сега постои можност за договор меѓу Грција и Македонија, потребно е владите на двете земји да работат многу за изнаоѓање решение.“

Свобода признава дека е загрижен малку за ситуацијата во Македонија: „Загрижен сум малку, бидејќи пораките и сигналите од Европа се многу позитивни за Македонија, и можеби поради тоа што владата е многу слаба во однос на реформите. Македонија треба да ги смени законите во координација со Европската комисија и да продолжи со реформите“, нагласи Свобода.

Филе ја подвлекол важноста на проевропските реформи

Претседателот на водечката опозициска партија на Македонија последната средба ја има во моментов со известувачот на ЕП за Македонија, Зоран Талер, кој претходно ни рече дека на Црвенковски ќе му пренесе дека од политичките партии во Македонија се бара вистински политички дијалог, без разлика дали партиите доаѓаат од опозицијата или од власта.

Од кабинетот на комесарот за проширување Штефан Филе ни дојде и писмената реакција на средбата која тој ја имаше со Бранко Црвенковски во Стразбур. Во неа се вели дека „се’ што може да се каже во моментов е дека двајцата направија заедничка проценка на ситуацијата во земјата во клучните области и реформите кои и‘ се потребни.“ Комесарот Филе, според неговиот кабинет, ја подвлекол важноста за широка политичка поддршка на агендата на реформи кои се однесуваат на европската интеграција на Македонија.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Симе Недевски