1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Еврокомесарот за штедење е мртов“

Германскиот предлог пред вчерашниот самит на ЕУ за назначување посебен „еврокомесар за штедење“ кој би ја надгледувал Грција, во оваа земја, потресувана од економската криза, предизвика големи бранувања.

При првиот поглед врз грчките весници човек добива впечаток дека известуваат за некој сосем друг самит на ЕУ: новиот фискален пакт и развојната стратегија на Унијата се само патем споменати, а фокусот е насочен врз германскиот предлог за ангажирање „европски комесар за штедење“ за Грција.

Веќе во понеделникот тиражниот дневник „Та неа“ на германската финансиска политика со големи букви и‘ кажа „не“. Сега весникот осамна со наслов „Нашето ’не’ го уби еврокомесарот за штедење“.

Но во воведниот текст на весникот се релативизира ова „не“. Предлогот за назначување „еврокомесар за штедење“, според весникот, можеби и не бил толку несоодветен:

„Не смееме да се криеме пред вистината: нашето буџетско работење не е здраво, а така било отсекогаш. Затоа што буџетот зависи од интересите на актуелната влада или дури и на личните интереси на министрите за финансии. Во оваа земја немало вистински биланс на буџетската политика“, се жали весникот. „Та неа“ предлага Грците самите да воведат комесар за контрола на буџетот.

Непријатно изненадување

„Христијанско-демократската партија на Германија се погрижи за непријатно изненадување“, смета Ангелос Стангос, политички новинар од весникот „Катимерини“.

„Зад тоа сигурно не се крие политичка размисла. Прво, затоа што предлогот беше формулиран нељубезно и нагло. Второ, затоа што испраќањето комесар левите и евроскептичарите во Грција невидено ќе ги осоколи. Трето, затоа што ќе им бидат потсечени крилјата на оние кои се залагаат за европска Грција. Можеби овој предлог беше само провокација“, смета Стангос.

„Германско шиканирање“

Левоориентираниот дневне весник „Авги“ протестира:

„Сакаат да не‘ казнат поради нивниот неуспех“, пишува весникот за европските шефови на држави и влади.

Весникот „Етнос“ наводниот предлог на Ангела Меркел го смета за „германско шиканирање“, кое од Грците треба да изнуди уште поголемо штедење како предуслов за натамошна финансиска помош.

„Предлогот за ’еврокомесар за штедење’ не е надвор од дневниот ред, иако се тврди спротивно“, тврди издавачот и политички коментатор Антонис Делатолис.

„Германците никогаш не би направиле ваков предлог спонтано или необмислено. Тие секогаш следат долгорочни планови, во уверување дека било кога темата повторно ќе дојде на ред“, вели Делатолис.

Автор: Јанис Пападимитриу/ Ж. Ацеска

Редактор: Александра Трајковска