1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Еврозоната ја одобри помошта за Кипар

Министрите за финансии на земјите од еврозоната формално ја одобрија помошта за Кипар. Загрозената островска земја ќе ги добие средствата откако пакетот ќе биде одобрен од националните парламенти.

Холандскиот министер за финансии Јерон Дијселблом, кој ја предводи 17-члената еврозона, изјави дека министрите го одобриле договорот постигнат со Кипар и со меѓународните кредитори постигнат на 25 март. Постигнувањето на договор, сепак беше засенето од мала контроверза, откако пред почетокот на состанокот беше соопштено дека Кипар побарал дополнителни средства, покрај претходно одобрените 17 милијарди евра помош. Информациите велеа дека кипарската влада побарува вкупно 23 милијарди евра.

Подоцна беше објаснето дека официјална Никозија всушност барала отворање на дополнителни фондови од Европската комисија, преку грантови за инфраструктурата и други проекти со кои би се поддржала разнишаната економија на островот која се очекува во следните две години да бележи минус меѓу 12,5 и 15 проценти.

Според договорот постигнат минатиот месец, Кипар требаше да обезбеди 7 милијарди евра, а меѓународните партнери ЕУ, Европската централна банка и ММФ дополнителни 10 милијарди евра.

Во меѓувреме стана јасно дека поради очекуваниот голем пад на економијата во земјата, ќе бидат потребни дополнителни 6 милијарди евра, кои Кипар сега планира да ги обезбеди преку реструктуирање на проблематичниот банкарски сектор.

Од Еврогрупата оценија дека постигнатиот договор со Кипар ќе овозможи да „се санира проблематичната ситуација во земјата и да се врати економијата на патот на одржливоста“. Првата транша од помошта се очекува да биде исплатена во мај годинава.