1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Еврозоната дига повисоки ѕидови против должнички кризи

Еврозоната на состанокот на министрите за финансии во Копенхаген го зголеми штитот против финансиска и должничка криза на 800 милијарди евра.

Европската централна банка пред средбата на министрите за финансии од еврозоната всушност имаше повисоки барања. Чадорот за спас за монетарната унија требаше да биде голем колку што е можно повеќе. Радоста од резултатот, 300 милијарди евра стари кредити и 500 милијарди евра свежи пари, кај Јерг Асмусен од раководството на ЕЦБ е ограничена. Сепак, успехот не е за потценување:

„Ние Европејците можеме да патуваме на пролетната средба на ММФ и Светската банка во Вашингтон со завршена домашна задача. Сега е на ред подигање заштитен ѕид против должнички пожар во светски рамки, дополнет од ресурсите на ММФ“.

На потег е ММФ

Меѓународната заедница планира во април во Вашингтон да ги зголеми кредитните капацитети на ММФ на 450 милијарди евра. Во тоа земјите од еврозоната би учествувале со 150 милијарди евра. Постои надеж овие дополнителни пари, заедно со европскиот чадор за спас, да стојат на располагање за евентуална помош на Италија или Шпанија. Германскиот удел во вкупната помош би изнесувала 40 милијарди евра.

Еврокомесарот за монетарна политика, Оли Рен, очекува земјите од еврозоната да ги одржат своите ветувања, а во глобалниот фонд за финансиска стабилност да дадат придонес и Кина, Индија, Бразил, но и САД.

Г20, групата најразвиени индустриски земји и држави во економски подем беа подготвени на помош само ако Европејците направат самите доволно за свое сопствено спасување. Со зголемувањето на европскиот чадор за поддршкана 800 милијарди евра барањата се исполнети, изјави шефицата на ММФ, Кристин Лагард. Сега ќе биде полесно да се обезбедат дополнителни пари за ММФ, смета таа.

Чадорите за спас не се семоќни

И германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле е уверен во позитивниот исход на разговорите во ММФ. Но, Шојбле го критикува концентрирањето на чадори за спас. Ниедна сума на светот нема да биде доволна ако презадолжените земји не ги санираат своите буџети и не обезбедат економски развој, предупреди Шојбле.

Претседателот на германската Бундесбанка, Јенс Вајдман, со слично предупредување:

„Кризата нема да се реши со овие ’противпожарни’ мерки, туку со тоа само се купува време. Решавачко е елиминирање на причините“.

Превисоките чадори за спас можат да водат до одлагање на болните нужни реформи. Шпанија, Италија, Португалија, Ирска и Грција се целосно земено на добар пат, но ни оддалеку не и завршен, изјави Шојбле.

Deutschland Finanzminister Wolfgang Schäuble zu Finanzkrise und Griechenland

Волфганг Шојбле

Тој би сакал воведување на популарниот данок на финансиски трансакции, но во Европа тој наидува на голем отпор. Велика Британија и Шведска би сакале негова редуцирана варијанта, која би значела одамночување само на зделките со акции на регуларните берзи. Но, според Шојбле, доколку не се постигне се‘опфатен данок на финансиски трансакции во кој би влегле и високоризичните деривати, за можна ја смета и опцијата за етапно воведување во што е можно поголем број европски држави.

На оваа тема во Копенхаген немаше никаков напредок, затоа беше формирана работна група која треба да ги разгледа различните моедели на данок. Европската комисија и Европскиот парламент се изјаснија за данок во европски рамки, при што финансиските пазари би учествувале со до 50 милијарди евра годишно во справувањето со кризата.

Бернд Ригерт/ Жана Ацеска

Симе Недевски