1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Евровизија под сенката на кршењето на човековите права

На крајот на мај во Азербејџан се одржува Изборот на песна на Евровизија. Активистите за човекови права сакаат да го искористат настанот за да укажат на демократските дефицити на земјата.

Познатата азербејџанска новинарка Кадија Исмаилова на сопствена кожа почувствува што значи кога критички се известува за владата во Баку. На почетокот на февруари 2012. година Исмаилова доби анонимна пратка со фотографии од нејзе и нејзиното момче, кои недвосмислено се направени со скриена камера во нејзиниот стан. Во пратката била приложена и порака во која биле напишани закани. Репортерката сепак, ги продолжила своите истражувања и го објавила дури и заканувачкото писмо. Една недела потоа, на интернет се објавени видео снимки кои ја загрозуваат нејзината приватност, критикува Маркус Ленинг, ополномоштеник за човекови права на германската влада: „ Иако таа се пожалила во обвинителството и кажала: ве молам проверете го ова, случајот сепак не е истражен. Тоа се методи кои едноставно не се прифатливи“, вели Ленинг.

Markus Löning Menschenrechtsbeauftragte der Bundesregierung

Маркус Ленинг, ополномоштеник за човекови права на германската влада

Евросонг да се искористи за укажување на состојбата со човековите права

Токму преку вакви и слични случаи активистите за човекови права сакаат да го насочат вниманието на меѓународната јавност на состојбата со човековите права во Азербејџан спроти годинешниот Евросонг, кој се одржува во Баку, на 26. мај. Азербејџанскиот активист, Разул Џафаров, во 2011. година ја покрена кампањата - "Sing for Democracy" - „Пеј за демократија“ .

„Изборот на песна на Евровизија решивме да го искористиме за да ја подобриме состојбата со човековите права во Азербејџан. За нас и за многу луѓе во Европа тоа сигурно не е само културен настан, туку и настан кој ги почитува слободите и правата на другите“, вели Џафаров.

Случајот со новинарката Исмаилова е само најнов пример за кршење на човековите права, наведува меѓународната организација Хјуман Рајтс Воч, и дополнува дека во Азербејџан во моментов во затвор се наоѓаат шестмина новинари. Но активистите не го критикуваат само ограничувањето на медиумските слободи. Според наводи на невладините организации, во земјата има голем број политички затвореници, а и слободата на мирно собирање е значително ограничена.

Нафтата поважна од човековите права и демократијата

На Западот му паѓа тешко да го осуди кршењето на човековите права во Азербејџан, вели Лејла Алијева, директорка на Центарот за национални и интернационални студии во Баку. Економските односи притоа, очигледно се во преден план, вели оваа политичка аналитичарка и додава: „Како азербејџанската влада, така и западните влади, сметаат дека стопанските зделки се поважни од демократизацијата и човековите права“. Големите нафтени резерви го прават Азербејџан особено атрактивен трговски партнер. Поради тоа и ЕУ, но и САД, упатуваат само тивки критики, вели Алијева.

Борците за човекови права се залагаат за тоа западните влади на Азербејџан посилно од досега да му укажат на обврските на пример кон Советот на Европа, кадешто оваа земја е членка. А тоа се однесува и на 46-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, бидејќи Азербејџан досега не применил ниту една од нив.