1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ЕВН ги победи државните електрани

Австриската компанија ЕВН извојува победа во правната битка со државните електрани. Апелацискиот суд ја укина пресудата на Основниот суд, според која ЕВН требаше да и‘ плати на државата повеќе од 200 милиони евра.

default

Претседателот на Апелациониот суд Јордан Митриновски во изјава за Дојче веле потврди дека пресудата на понискиот суд е прогласена за неважечка поради бројни пропусти во постапката.

“Точно се лоцирани сите повреди и неутврдените факти, за жал, судот пропуштил да изврши увид во приложените докази кои имале суштествено значење за предметниот спор“, вели Митриновски.

Спор за кој е заинтересиран и Брисел

Станува збор за судскиот спор помеѓу државните електрани и ЕВН кој создаде нервоза на релација Скопје-Брисел. Меѓународната заедница го оцени процесот како контроверзен со многу неправилности и предупреди дека овој случај може да биде темна дамка на македонскиот евроинтегративен пат. Странските амбасадори во Македонија во повеќе наврати кај властите во Скопје, но и јавно лобираа за подобар третман на ЕВН како странски инвеститор. Европретставникот Ерван Фуере бараше расчистување на случајот.

„Независноста на судството е особено важно и ние сме загрижени околу развојот на случувањата со ЕВН, поради пораката кој им се праќа на потенцијалните странски инвеститори. Затоа е важно да се расчисти овој случај“, изјави Фуере.

Logo der niederösterreichischen Energie Versorgung - EVN - Macedonia

Потврда за независноста на судството

Сега судиите од Апелациониот суд одлуката што се однесува на ЕВН ја толкуваат како потврда дека судството во Македонија е независно и професионално. Митриновски изјави:

“Наша водилка во работата е законот. Овој случај е очигледен пример дека ние одлучуваме ислучиво според законот“.

Она што сега претстои е повторно враќање на предметот во Основниот суд, повторно предочување на доказите. ЕВН Македонија по првичната пресуда на Основниот суд, тврдеше дека судот донел скандалозна одлука, државните електрани пак ги обвинија Австријците дека тие во целиот спор биле привилегирана страна.

Спорот на државата со ЕВН освен до Брисел стаса и до Вашингтон. Австријците таму покренаа тужба против Република Македонија пред меѓународната арбитража. Дали ќе се повлечат ќе биде познато во наредните денови. Засега двете страни одбиваат да ја коментираат одлуката на апелацискиот суд.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска