1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Евакуирана Ајфеловата кула

Минатата ноќ во Париз беше немирна. Три лица загинаа во напад со молотов коктел врз зграда. Во друг инцидент беше евакуирана Ајфеловата кула, поради закана за подметната бомба.

Анонимен јавувач се заканил дека во кулата е поставена бомба, информираше полицијата. Околу 1.400 туристи ја следеле објавата на безбедносните служби да се оддалечат од кулата. Потоа париската полиција ја пребарала Ајфеловата кула со кучиња-трагачи, но никакви експлозивни направи не биле пронајдени, по што туристичката атракција била повторно отворена.

Француските власти во последните недели ги зголемија своите антитерористички мерки, по заканите добиени поради француската воена кампања против борците во Мали поврзани со Ал Каеда, а која започна пред повеќе од два месеца.

Три лица загинаа во пожар

Три лица загинаа, а 13 се повредени, откако во станбена зграда во париското предградие Аубервилерс одекнала експлозија предизвикана најверојатно од молотов коктел. Пожарот го зафатил синоќа третиот кат на зградата. Барајќи спас од пожарот луѓето почнале да скокаат од прозорците, што за некои било кобно. Еден човек го загубил животот по повреди добиени во пад од третиот спрат, додека другите две жртви се од изгореници или се задушиле од чад. Според изјави на жители во зградата, пожарот се проширил откако непознато лице фрлило молотов коктел по тепачка меѓу станарите. Заменикот-градоначалник на Париз Евелин Јонет изјави дека зградата била во лоша состојба и заради тоа пожарот многу брзо го зафатил речиси целиот објект.