1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ЕБРД ќе се фокусира на повторно воспоставување на економски раст

Годишното собрание на Европската банка за обнова и развој ќе се одржи кон крајот на наредната недела на 10. и 11. мај во турската метропола Истанбул. Во ЕБРД најавуваат продолжување на поддршката за регионот.

На годишното собрание на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), коешто ќе се одржи на крајот на идната недела во Турција, во фокусот ќе бидат економските предизвици на регионот и начините на заживување на економскиот раст, се наведува во соопштението на Банката.

Годишното собрание на Европската банка за обнова и развој ќе се одржи на 10-ти и 11-ти мај во турската метропола Истанбул, првпат надвор од традиционалниот регион во кој дејствува ЕБРД, а кој го сочинуваат поранешните комунистички европски држави.

Акцентот на годишното собрание ќе биде ставен на економските предизвици со кои се соочува регионот што ги опфаќа пределите од Европа до Северна Африка, како и на начините за повторно воспоставување на економскиот раст преку технолошките и финансиските иновации, зголемување на конкурентноста и поддршка на развојот на малите и средни претпријатија.

На собранието свое обраќање меѓу другите говорници ќе има и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, како и политичките лидери од четири арапски држави во кои ЕБРД има инвестиции, претставници на менаџментот на Банката, како и познати експерти од регионот и држави кои се акционери во ЕБРД.

EBRD Hauptsitz in London

Седиштето на ЕБРД во Лондон

Во текот на годишното собрание ЕБРД ќе ги објави најновите економски проценки за регионот, вклучувајќи го и јужниот и источниот Медитеран.

ЕБРД, којашто минатата 2012 година инвестираше рекордни 8,9 милијарди евра, ќе ја зголеми помошта за малите и средни претпријатија во регионот и ќе обезбеди подобар пристап до финансиите.

„Во периодот на слаб економски раст за регионот од посебна важност е спроведувањето на структурни реформи. ЕБРД ќе настојува да го поддржи регионот во тоа“, вели во најавата на собранието претседателот на ЕБРД Сума Чакрабати. ЕБРД е основана 1991 година со цел да им помогне на посткомунистичките држави во нивниот пат кон демократија и пазарна економија. Банката е активна во 34 држави, а минатата година инвестираше и во Египет, Мароко, Јордан и Тунис и од неодамна нејзина членка стана и Косово.