1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

(Д-р) Анете Шаван - хронологија на една афера за плагијат

Политичката кариера на германската министерка за образование Анете Шаван е пред самиот крај. Откако универзитетот во Диселдорф и’ ја одзема докторската титула, се чини дека оставката на функцијата е неизбежна.

Повеќе од 30 години никој не се интересираше за дисертацијата на Анете Шаван - истражување за формирањето на совеста, пренесено на 350 страници. Нејзиниот докторски труд министерката на крајот на 70-тите години го изработила најдобро што можела, откако претходно студираше католичка теологија, филозофија и наука за воспитувањето - по што започна нејзината изворедна кариера во науката и политиката.

Дисертацијата истовремено беше и завршната диплома на Шаван која ја доби на универзитетот Хајнрих Хајне во Диселдорф. Универзитетот, кој во 1980 година и’ ја додели докторската титула, сега и’ ја одзема истата: министерката препишувала систематски и намерно.

Schavanplag“ ја поттикна проверката

Каменот го затркалаа ловците на плагијати, кои проверуваат научни трудови и на интернет ги објавуваат местата кои трпат критика. Тоа најчесто се текстови кои се преземени од други трудови, а не се означени како такви. Во најдобар случај станува збор за грешка при цитирањето, во најлош случај за намерно препишување, вклучително кражба на интелектуална сопственост. Досега најпознат беше случајот на министерот за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг, кој во март 2011 година поднесе оставка, откако претходно беше откриено дека делови од неговата дисертација се плагијат.

Doktorarbeit von Annette Schavan

Докторатот на Анете Шаван

Ловците на плагијати сега под лупа ја земаа и дисертацијата на Анете Шаван - и кај неа пронајдоа нерегуларности. Пролетта 2012 година на интернет беше активирана страницата 'schavanplag' каде беа регистирани грешки при цитирањето. Министерката за образование и наука не сакаше ова обвинување да фрла сенка врз нејзината кариера и затоа упати молба до универзитетот во Диселдорф да го провери нејзиниот труд.

Есента 2012 година, во интерен извештај на Комисијата за проверка на докторскиот труд, се забележува дека Шаван систематски препишувала и се зборува за „намера за измама“. Доверливиот извештај дојде во рацете на новинарите, кои цитираа делови од него. Министерката реагираше бурно, а Универзитетот поднесе кривична пријава против непознати лица поради издавање на интерни информации.

Одземање на докторската титула

Annette Schavan lässt die Zukunft als Bundesministerin offen

Од 2005 година Шаван е дел од кабинетот на Меркел. Уште колку долго?

Анете Шаван признава дека се можни грешки од невнимание, но во писмено изјаснување до Универзитетот негира дека направила плагијат или мамела. И покрај тоа, Факултетскиот совет на Филозовскиот факултет отвори постапка која доведе до тоа на 5. февруари да и’ биде одземена докторската титула на министерката. Шаван „систематски и намерно“ во докторскиот труд како свои презентирала „мисли кои не се нејзини“, оценија 12 од 15 членови на комисијата за проверка на докторатот. „Во значителен опсег“ од збор до збор преземала туѓи текстови, без тие да ги означи.

Министерката за одлуката дозна за време на службено патување во Јужноафриканската Република. „Тоа нема да го прифатам“, беше првата реакција на министерката. Постапката била грешна и против тоа ќе преземе правни чекори. Потоа молчеше на оваа тема и петдневното патување го спроведе според планот.

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази доверба во нејзината блиска сопартијка, но политичарите од опозицијата бараат оставка: Анете Шаван неможе да биде министерка за образование, откако и’ е одземена докторската титула, и нејзиниот углед е нарушен. Повеќето набљудувачи сметаат дека оставката на министерката е прашање на време.