1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Духот на трета интифада лебди над Блискиот Исток

Од што почина Арафат Џарадат? Спорот за причините за смртта на младиот Палестинец во еден израелски затвор е силно разгорен. Меѓутоа тука станува збор за многу повеќе од едноставно медицинско објаснување.

Каде почнува мачењето? А каде запира? Ова се прашањата за кои спорат Израелците и Палестинците по смртта на 30-годишниот Арафат Џарадат во израелски затвор. Заеднички направената палестинско-израелска обдукција пронајде две скршени ребра. Дали е тоа последица на измачување? Не, велат Израелците. Според нив ребрата биле скршени кога лекарите се обиделе да го оживеат затвореникот. Од  друга страна Палестинците говорат за тешки отоци на грбот на починатиот, кои за нив се знак дека Џарадат бил измачуван.

За Лиор Бен Дор, портпарол на израелското министерство за надворешни работи, јасно е какви мотиви имаат Палестинците за ваквите обвинувања. Тој смета дека Палестинците ја користат смртта на Џарадат за политички цели. Обвинувањата дека затвореникот починал од последиците на насилство се дел од палестинското подбуцнување против Израел. „Но тоа нема врска со реалноста“, вели Бен Дор во разговор за ДВ.

Смрт в затвор

Истворемено, некои прашања се’ уште се без одговор. Според податоците на палестинската невладина организација Ал хак, 200 Палестинци загинале во израелските затвори од 1967 година наваму. Тоа е голема бројка, а едно од можните објаснувања е во третманот на затворениците.

Лиор Бен Дор предупредува на сериозноста на ситуацијата: „Оние кои се наоѓаат во израелските затвори се таму бидејќи учествувале во непријателски и терористички напади врз Израел и неговите жители.“ Некои затвореници имаат информации кои се неопходни за заштита на израелските граѓани и тие се сослушуваат. „Дури и ако притоа се користат определни методи, тие секогаш се во согласност со конвенциите и меѓународното право“, вели Бен Дор. Шаван Џабирин, директор на организацијата „Ал Хук“, изнесува спротивен став. Дел од апсењата се засновани на обвинувања како фрлање на камења или учество во демонстрации. Други пак во затвор се држат поради административни причини. Понекогаш и нема обвиненија „за да не можат затворениците да се бранат“.

Измачувањето како политичка алатка

Организацијата за човекови права „Б’Тселем“, во својот извештај од 2010 година  ги има документирано методите кои се користат при сослушувањето. Најголем број од просториите во кои се сместени затворениците пред сослушувањето немаат прозорци. Една четвртина од испитаните затвореници, велат во „Б’Тселем“, известуваат дека воздухот од системот за вентилација е или премногу ладен или премногу топол. Други се жалат на смрдеата во тоалетите и валканите душеци и постелнина. За време на сослушувањето, уапсените седат на фиксирана столица и едвам можат да се мрдаат. Некои од затворениците кои ги анкетирала „Б’Тселем“ говорат за повеќедневни сослушувања и забрана за спиење. Една третина од нив говорат за навредување, а една десетина за физичко насилство.

Такви методи се користат сосем свесно, пишува палестинскиот весник „Ал Кудс“ во прилозите за смртта на Арафат Џарадат. „Тоа не е реткост, ниту е невообичаено, туку произлегува директно од окупацијата. Иако измачувањето го вршат безбедносните сили, тие имаат благослов и поддршка од политичките и правни инстанци на Израел.“ И Шаван Џабарин размислува на ист начин: „Притисок на Израел врз палестинските затвореници е составен дел на неговиот политички арсенал“.

Според податоците на „Б’Тселем“ во моментов во израелските затвори се наоѓаат 4600 Палестинци. На смртта на Арфат Џарадат реагираа со еднодневен штрајк со глад.

Интифада?

Израелците ги обвинуваат Палестинците и пред се’ палестинските институции дека сакаат да привлечат што е можно поголемо внимание пред посетата на регионот на американскиот претседател Барак Обама на крајот на март. Претседателот на автономните палестински власти, Махмуд Абас ја користи трагедијата за политички напад, пишува израелскиот весник „Израел Хавом“: „Тоа е негово право, но тој чекор на Палестинците значи дека Рамалах се оддалечува од самопрокламираниот став за соработка со Израел. Абас намерно го подгрева овој судир“, пишува израелскиот весник. Палестинците се спротиставуваат на тоа. Весникот „Ал Кудс“ ја спомнува можноста за пренесување на случајот пред Меѓународниот  кривичен суд во Хаг. Сега откако на палестинските институции им беше доделен набљудувачки статус во ООН, тие имаат таква можност. Конфликтот добива се‘ посилна меѓународна димензија. Мирниот расплет останува неизвесен. Некои набљудувачи веќе говорат за можноста за трето палестинско востание- т.н интифада.