1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Дуото на врвот на Бундеслигата стана трио

Битката за титулата во германската Бундеслига до крајот на првенството ќе ја водат три, а не два тима, како што се очекуваше. Бајерн, Шалке и Бајер си ги зацврстија позициите на врвот и ќе решаваат за новиот шампион

default

Шоуто на Арјен Робен му донесе нови три бода на Бајерн

Бајерн Минхен го задржа врвот на табелата во Бундеслигата, иако не брилјираше во дуелот против Фрајбург. Холанѓанецот Арјен Робен им ги донесе трите бода на баварците, со два постигнати гола, од слободен удар и од пенал, за неубедливи 2:1. И тренерот Ван Хал потврди дека неговиот тим играше лошо. „Мислам дека дури во второто полувреме ги зедовме работите во свои раце. Тоа што победивме со 2:1 е многу добро, но можевме и да го загубиме овој меч“.

Бајерн остана непоразен и на 19-от натпревар по ред, и сега има два бода предност пред второпласираниот Шалке. Тимот од Гелзенкирхен во петокот си ја заврши работата, совладувајќи го Штутгарт на домашен терен со 2:1.

Во дербито на колото, Бајер Леверкузен убедливо го совлада Хамбург со 4:2 и остана на третата позиција со 3 бода заостаток зад врвот. Сепак победата не дојде толку лесно како што сугерира резултатот. Тренерот на Бајер, Јуп Хејнкес призна дека на полувремето со повишен тон им се обратил на играчите.

„Веднаш по паузата забележав дека играчите ја разбраа пораката. Ја пронајдоа вистинската игра и постигнаа многу убави голови“. Со поразот, Хамбург падна на петтото место и има мали шанси да се избори за третата позиција која води во Лигата на Шампионите. На четвртото место се искачи Борусија Дортмунд која во локалното дерби на домашен терен го совлада Бохум со 4:1. Работата им ја олесни гостинскиот играч Мариќ кој заработи црвен картон во 33-та минута.

Вердер во се’ подобра форма

Bundesliga Bremen Hoffenheim

Клаудио Пизаро го постигна решавачкиот гол против Хофенхајм

Вердер останува во трката за излез на меѓународната сцена по победата над Хофенхајм од 1:0. „Долго време беше 0:0 и јасно беше дека оној кој ќе постигне гол ќе го реши натпреварот и ќе ги однесе трите бода“, изјави тренерот Томас Шаф.

Актуелниот првак Волфсбург немаше проблеми на гостувањето во Менхенгладбах и однесе убедлива победа од 4:0.

Екипата на Келн продолжи со очајни игри и заслужено загуби на гостувањето кај Мајнц со 1:0, иако домашните поголемиот дел од мечот го одиграа со играч помалку по исклучувањето на Бансе.

Екипата на Хановер излегува од кризата откако успеа да ја забележи и втората победа по ред за една недела. По триумфот на гости над Фрајбург, Хановер во саботата беше подобар и од Франкфурт со 2:1.

Насилства во Берлин

Fan Krawallen in Berlin

Хулиганите се обидоа да ги нападнат фудбалерите на Херта по поразот од Нирнберг

Берлинска Херта е се’ поблиску до преселба во понизок ранг. Во директниот дуел со ривалот во борбата за опстанок, Нирнберг си замина со трите бода од Берлин по победата од 2:1. Тренерот Фридхем Функел вината за поразот ја бараше кај сопствените играчи.

„Она што го пруживме во првото полувреме беше многу добро. Меѓутоа, кога нема да ги искористиме шансите, тогаш мораме да зборуваме за сопствената неспособност. Ова е многу тежок пораз за нас“.

Поразот на Херта не им се допадна ниту на домашните навивачи, кои по завршувањето на мечот упаднаа на теренот. Стотина хулигани се обидоа да се пробијат до соблекувалната на играчите на Херта, но во последен момент беа спречени од полицијата. Фудбалскиот сојуз најави високи казни за клубот и нови мерки за спречување на присуството на хулиганите на стадионите.

Автор: БГ/дв/дпа

Редактор: Александра Трајковска