1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ДУИ се врати, СДСМ го напушти Собранието

Од опозициската СДСМ бараат да добијат дообјаснување што значи денешното враќање на пратениците на ДУИ на седницата, на чиј дневен ред е спорниот закон за бранителите.

Гласањето за измените на Законот за следење на комуникациите, инаку барање на Европската унија, е одложено за четврток (13.09), откако пратениците на ДУИ се вратија, а оние од СДСМ ја напуштија пленарната седница на парламентот.

Од опозициската СДСМ бараат да добијат дообјаснување што значи денешното враќање на пратениците на ДУИ на седницата на чиј дневен ред е спорниот закон за бранителите.

„Сe‘ додека јавноста не добие прецизен и конкретен став по ова прашање, ние нема да влеземе во собраниската сала. Пратеничката група на СДСМ и другите опозициски пратеници се тука во Собранието на РМ, и оној момент кога ќе добиеме позитивен одговор од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, веднаш продолжуваме со работата“, рече Игор Ивановски, координатор на пратеничката група на СДСМ.

На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека суштинските разлики со ДУИ околу законот за бранителите остануваат, но тоа, како што велат, не им дава право на пратениците од СДСМ да ги блокираат законите важни за евроинтеграциите на Македонија.

„СДСМ, кога виде дека е надминат еден проблем, вештачки, без логични оправдувања, креира друг проблем, а резултатот на тоа е дека закон којшто ни е потребен за да одиме понатаму кон исполнување на условите на европскиот патоказ, да биде дополнително блокиран во македонското Собрание“, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Новонастаната ситуација, пак, беше причина за нова конфронтација меѓу ДУИ и ДПА внатре, во собраниската сала. На обвинувањата на Имер Алиу дека со однесувањето на ДУИ не се блокира донесувањето на законот за бранители, Ермира Мехмети одговори со благодарност до ДПА за, како што ја нарече, етничката битка против законот.

„Нашата политичка битка против овој закон не е предадена. Грешат оние што се чудат што ние денеска сме во салата. Овде сме поради нашата европска агенда, како партија определена за евролатнантските интеграции. Но, битката почна и ќе продолжи и нема да заврши со позитивен резултат од аспект на донесување на овој закон“, рече Ермира Мехмети од ДУИ.

„Вие сте шампиони во категориите што ги спомнавте, но само на параолимпијада. Вие сте осакатени. Нема потреба да ми се заблагодарувате“, рече Алиу, чии зборови предизвикаа реакција кај дел од пратениците.

„Ова не е навреда за параолимпијците. Тие се најсмелите луѓе во светот“, дообјасни Алиу.

Инаку, ДУИ соопшти дека ќе ги гласа законите од дневниот ред на тековната 40. собраниска седница, со исклучок на законот за бранителите, за да не се создава впечаток дека придонесува за негативен извештај од Европската комисија, како што најави координаторот на пратеничката група Талат Џафери.
Тој рече дека партијата ќе го искористи целиот потенцијал и сите институционални можности за блокирање на законот.

„ДУИ ќе ги искористи сите можни институции кои ги предвидува Деловникот, Законот за Собранието и Уставот на Република Македонија, на институционален начин да ја спречиме и исклучиме можноста за донесување на овој закон, кој е толку лош, кој ги одвојува заедниците и ги нарушува мостовите. Законот директно ја загрозува евроинтеграцијата на Македонија“, рече Џафери.

Имер Алиу од ДПА, пак, процедурално заблежа дека единствен метод да се блокира Законот за бранителите е ДУИ да ја напушти Владата.

Во меѓувреме, беше одложено разгледувањето на предлог-законот за бранителите на матичната Комисија за труд и социјална политика.