1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ДУИ и ПДП најавија протести

Коалицијата ДУИ-ПДП, од понеделник седми август, ќе почне со организирање масовни манифестации на незадоволство во земјата, поради невклучувањето во владата на мандатарот Никола Груевски. Оваа одлука вчеравечер ја донесе највисокото раководство на партијата.

default

На прес конференцијата организирана по седницата на раководството на ДУИ, портпаролката Ермира Мехмети рече:

“Претседателството на Демократската унија за интеграција оцени и заклучи дека протестите се прифатлива форма на изразување револт.“

Како што е најавено, покрај протестите веројатно ќе бидат организирани и блокади на улици и патишта. На прашањето на Дојче Веле – дали градоначалниците на ДУИ ќе спроведат регионализација на општините во западниот дел на Македонија со доминантна албанска популација, Мехмети одговори со критика на...

“...многубројните шпекулации околу некакви идеи или предлози за федерализација или регионализација на земјата. Ние апсолутно го почитуваме унитарниот карактер на државата.“

ДУИ ќе го смета Никола Груевски за премиер без целосен легитимитет, премиер на една влада која всушност, според партијата нема да биде признавана. Мехмети со тврдење:

“Оваа влада ќе се формира врз принципи кои за жал нема да го рефлектираат или да го вклучат легитимитетот на гласачите Албанци, така што прашањето за легитимитетот на оваа влада ќе биде прашање кое што ние постојано ќе го оспоруваме.“

Пратениците на ДУИ нема да се откажат од своите мандати во парламентот, но не се конкретизира дали ќе продолжат со бојкотот на неговите седници:

“Ние не сме најавиле дека ќе ги вратиме мандатите, тоа е шпекулација во медиумите“, вели Мехмети.

Македонскиот претседател, Бранко Црвенковски ја повика ДУИ да се врати во собранието како конструктивна опозиција. Партијата преку портпаролката Мехмети му одговори:

“Ја поздравуваме пораката на претседателот Црвенковски, цениме дека е таа со цел – да послужи на напорите за создавање конструктивна атмосфера, но политичкото дејствување на ДУИ и на ПДП е последица од еден принцип кој што се наметнува од страна на новата гарнитура, која што претендира да биде владеачка гарнитура на сите граѓани. “

ДУИ во улога на победник на парламентарните избори во албанскиот електорат, преку својот портпарол, го упати јавно следното прашање до лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски:

“Кој е тој, ако не гласачите, ако не граѓаните во една демократија – кој е тој фактор кој што може да одреди кој или која политичка партија ќе биде нивен претставник ? Доколку постои друг суверен кој што ја одредува волјата, тогаш веројатно не би требало да има потреба од избори.“