1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ДУИ го поддржува коалициониот партнер за зачувување на уставното име на земјата

Демократската унија за интеграција ги следи докрај ставовите на владата и на својот коалиционен партнер ВМРО ДПМНЕ во настојувањата да се зачува уставното име на Република Македонија.

default

ДУИ цврсто стои зад својот коалиционен партнер ВМРО ДПМНЕ

Досегашното функционирање на владината коалиција се одвива коректно и со исполнување на сите точки на политичкиот договор меѓу Никола Груевски и Али Ахмети„ – ова се констатациите искажани на седницата на највисокиот раководен орган на ДУИ – Генералниот совет, одржана во тетовска Мала Речица.

По седницата на Генералниот совет, со овластување на лидерот Али Ахмети, Џевад Адеми, членот на најтесното раководство, околу преговорите со Грција за името изјави за Дојче Веле:

„Можам да нагласам дека Генералниот совет ја потврди начелната согласност на Демократската унија за интеграција за владиниот и државниот став околу уставното име на Македонија и ние ги поддржуваме цврсто ставовите на државните органи и на премиерот. ДУИ и пред да се актуелизира во оваа мера проблемот, односно, спорот со името, неколкупати нагласи начелно дека е за уставното име на Македонија“.

Да не се дозволи повредување на националните чувства на Македонците

Адеми го потенцира ставот и решеноста на ДУИ во случајот, како што вели, „ако Грција покаже тврдоглавост и намера да ја понижи Македонија“ :

„Компромис е пожелно да се постигне, но, компромис кој нема да ги повреди националните чувства на нашите сограѓани – Македонци. Ако цената е понижување ­- докрај поддршка на државниот и владиниот став“.

Околу досегашното функционирање на коалицијата: - „И двата лидера, и двете партии, се држат до договореното. Генерална оценка е дека нештата се движат кон добро, соработката меѓу коалиционите партнери е коректна со заемно почитување “.

Во најскоро време партијата на Али Ахмети во врска со прашањето и статусот на борците на ОНА очекува: - „Ние не прејудицираме, не сме ексклузивисти: или закон, или нема. Ние сме заинтересирани за статусот на оваа категорија, кои не се само поранешни припадници на ОНА и нивните семејства, туку има и цивили – жртви и други засегнати. Ние сме животно заинтересирани да се реши нивниот статус “.

Вчера Генералниот совет на ДУИ донесе одлука во ноември 2009 година да се одржи редовниот конгрес на партијата, а до крајот на годинашниов декември внатрешно – партиски избори - од ограноците до избор на нов лидер.