1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Дуел глава против стомак

Телевизискиот дуел на кандидатот на СПД Пер Штајнбрик и канцеларката Ангела Меркел содржински не донесе многу ново. Стана јасно колку противниците различно ја разбираат политиката, коментира Кај-Александер Шолц.

На дуелот се внимава многу времето за зборување да биде рамномерно поделено. Во текот на голем дел од 90-минутниот дуел, пренесуван од четири телевизиски станици во Германија, водеше Ангела Меркел. Таа ја имаше дискусијата „в рака“ пред се‘ во првиот час и тоа не само квалитативно. Додека нејзиниот предизвикувач стоеше прилично круто зад пултот и гледаше во Меркел од страна, понекогаш дури и речиси плашливо, канцеларката предизвикуваше. Таа со телото беше завртена кон својот противник, ја држеше главата навалена на едната страна и слушаше внимателно што тој има да каже.

Меркел не дозволуваше да биде прекинувана од водителите на дуелот, понекогаш со строг тон бараше да ја заврши реченицата. На изјавите на Штајнбрик реагираше директно, без притоа некој од четворицата водители да дојде повторно до збор. Кога на делови од многуте теми, според нејзино мислење, не им беше посветено доволно внимание, таа едноставно се осврнуваше на тоа подоцна. Толку за строгата страна на „мамичка“, како што ја нарекуваат Меркел. „Мамичка“ носеше панталони, во преносна и буквална смисла.

Меркел сакаше аргументи

Сето тоа не беше цел сама за себе, туку Меркел се обиде да ја објасни својата политика. А, тоа не може секогаш да се направи во 30 секунди. Mеѓутоа, со тоа и‘ даде печат на целата атмосфера на дуелот. Иако нејзиниот предизвикувач имаше сосема друг тон, дуелот беше размена на аргументи, а не остар дуел со многу „оган“. Тоа беше добро за целата емисија, зашто во Германија, конечно, не се избира канцелар или канцеларка директно, туку станува збор за претставување на избирни програми. Затоа од Меркел содржински и не можеше да се чуе нешто навистина ново. Но, Меркел е нарекувана „мамичка“ и поради тоа што кај многумина си изгради имиџи на кормилар во тешки времиња. Кампањата на ЦДУ е сосема прилагодена на Меркел, таа е најсилното оружје на партијата. Таа остана верна на тоа. „Ме познавате, знаете како се справувам со проблемите. Имавме добри четири години во Германија, ова може да ни успее само заедно“, рече таа во својата завршна изјава.

Човекот што вели „не“

Блиц-анкетите по дуелот меѓутоа сепак покажаа дека Штајнбрик излезе како победник, или барем дека е на еднакво рамниште со Меркел. Неговото предупредување веднаш на почетокот очигледно имаше влијание: „Не дозволувајте да ве замелушат“. Штајнбрик подоцна зборуваше и за „празна кутија која Меркел ја ставила во излог“. Со тоа ја критикуваше нејзината политика како шоу во кое работите се разубавуваат. Многу од неговите одговори почнуваа со „не“, зашто СПД сака многу нешта да ги направи поинаку. Штајнбрик понекогаш многу бргу набројуваше многу нешта, за да покаже колку е лоша состојбата во земјата. Ја напаѓаше Меркел со полна сила.

Deutsche Redaktion Kay-Alexander Scholz

Кај-Александер Шолц

Актуелната состојба во Германија, според неговиот опис, е лоша - здравството оди в ѕид, јазот меѓу сиромашните и богатите станува се‘ подлабок. Германија мора да стане поправедна и потребен и‘ е општ полет. Штајнбрик му оди на рака на расположението присутно на многу приватни дискусии во земјата, како на пример - се‘ стана поскапо, заштедите губат на вредност, има премногу лошо платени работни места.

Меркел беше пофер

Меѓутоа кога стануваше збор за детали, кандидатот на СПД за канцелар понекогаш доаѓаше во тесно. Тој рече „квалитативна, а не квантитативна изјава би била доволна“, или „тоа може да се провери на Википедија“. Меркел, наспроти тоа, имаше конкретни бројки и не дозволи да биде вознемирена. Нејзините напади беа попрецизни. Во мандатот на СПД и канцеларот Герхард Шредер се воведе категоријата „позајмени работници“, рече таа. Освен тоа, Меркел нагласи дека Штајнбрик сега тврди оти политиката за спас на еврото не успеала во случајот на Грција само затоа што е изборна борба, а неговата СПД гласала за сите пакети за спас, и тоа е добро.

Меркел сепак остана фер. Таа не ја прикажа состојбата во Германија само во розова боја, како што ја обвини Штајнбрик, но потенцираше дека правецот е вистински, зашто Германија добро се справила со кризата.

Додека Меркел го користеше дуелот за да објаснува, Штајнбрик се обиде да предизвика чувства. Тоа за жал успева кога се претставува слика како земјата да е непосредно пред пропаст или кога човек се движи на ниво на „кафеански муабет“, со изјави како „даночниот обврзник се прави глупав“, „смртна доза за јужноевропските земји“ или „некакво лудило“. Штајнбрик се претстави како моќен спасител кој води кампања „200-процентно“.

Можеби дел од сериозните тв-гледачи се исплашија од толку татнеж. Други, пак, на својот типично германски начин - се‘ да се гледа во лошо светло, можеби со тоа се почувствуваа потврдени во својот став. Дуелот се водеше со различно оружје - глава против стомак. Избирачите на тоа ќе најдат свој одговор. Политиката меѓутоа има потреба од судир на факти, а тоа подобро го направи Меркел.