1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дубаи сака да го има приматот во новогодишното славје

Нов Зеланд, островите Самоа, Кирибати и Маршалските Острови, како и источните делови на Русија, први влегоа во 2014-та година. Влезот во Новата година беше направен со спектакуларни огномети.

Нов Зеланд со спектакуларен огномет во Оукленд на полноќ го прослави почетокот на новата година, додека неколку илјади луѓе играа и пееја на улиците низ градот. Нов Зеланд влезе во новата година два часа пред Сиднеј. Огномети се испукуваа и пред Сиднејската опера и на мостот на пристаништето во Сиднеј. Тој е еден од најекстравагантните огномети во новогодишната ноќ во светот. Оваа година огнометот, за првпат по повеќе од една деценија, беше испукан и од „едрата“ на Сиднејската опера.

Silvester Jahreswechsel 2013 - 2014 in Sydney

По повеќе од една деценија огнометот беше испукан и од Сиднејската опера

Сепак, на новогодишната ноќ едно друго пиротехничко шоу ќе се обиде да го засени и Сиднеј и останатите градови во светот. Оваа година Дубаи најави дека ќе го направи најголемото шоу со огномет. Властите во Дубаи најавија дека ќе испалат над 500.000 пиротехнички средства за прослава на Новата година. Тие сакаат да го соборат рекордот на најмногу испукани пиротехнички средства, а тоа ќе требаат да го потврдат претставници на „Гинисовата книга на рекорди“, кои се присутни во Дубаи. Светскиот рекорд за употребени пиротехнички средства го постави Кувајт во 2011 година, испалувајќи 77.282 средства.

Организаторите во Дубаи планираат да го осветлат крајбрежјето на градот со летачки сокол направен од огномет, кој ќе се движи над крајбрежјето на вештачки создадениот остров во форма на палма. Тие ќе употребат и пиротекника за симулација на изгрејсонце и ќе се обидат со огномет да го направат најголемо знаме на Обединетите Арапски Емирати. Шоуто треба да трае шест минути и ќе биде синхронизирано со 100 компјутери.

Нова година во Русија без еуфорија

Во Јапонија Нова година ќе биде дочекана со биење на камбани и со фрлање на парички во храмовите. Согласно традицијата, камбаните во јапонските храмови при доаѓањето на новата година бијат точно 108 пати, колку што според учењето на будизмот, има причини за страдањата на светот.

Во Москва, како и во цела Русија, дочекот на Новата година ќе мине со засилени безбедносни мерки и без еуфорија, поради националната жалост прогласена во чест на жртвите на двата бомбашки напади во Волгоград, извршени вчера и во неделата.

Во Берлин ќе биде одржан дочек кај Бранденбуршката порта, а во Лондон кај панорамското тркало „Лондонско око“. Во Париз ќе бидат организирани неколку дочеци и тоа кај Ајфеловата кула, на булеварот „Шанз-Елизе“, на плоштадот „Трокадеро“ и на Марсовите полиња.

Dubai Expo 2020

Дубаи сака да го собори Гинисовиот рекорд

Во Њујорк традиционално новата година ќе биде дочекана со прослава на „Тајмс Сквер“, каде 60 минути пред полноќ ќе биде спуштена огромна повеќебојна кристална топка.

Нова година е забранета во Саудиска Арабија и Сомалија

Во Рио Де Жанеиро главната прослава ќе се оддржи на плажата Копакабана, каде ќе биде организиран спектакуларен концерт под отворено небо. Локалните власти најавија и 16-минутен огномет, при кој ќе бидат употребени 24.000 ракети испукани од 11 бродови вкотвени на 400 метри од плажата. По традиција, илјадници Бразилци облечени во бело во водите на Атлантскиот Океан ќе фрлат букети и венци од цвеќиња како подарок за божицата на морето, според афробразилскиот култ, Јемања.

2013 година последни ќе ја испратат жителите на Американска Самоа, ден по Самоа, иако нив ги делат само 80 километри.

Новата година официјално нема да биде дочеката единствено во Саудиска Арабија и во Сомалија, каде властите најавија казни за оние што ќе слават и им препорачаа на трговците да не продаваат кадифени мечиња, цвеќиња и други новогодишни подароци.