1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Дрогата кристал во поход

Бројот на починати консументи на дрога во Германија е на најниско ниво во последните 25 години. Но, се‘ повеќе зависници консумираат дрога кристал, која има разорно дејство.

„Апсолутно распаѓање, и тоа во најкусо можно време“ - вака Хајке Краузе од Службата за итна помош за зависници од дрога ги опишува последиците од дрогата кристал, која често се консумира на забави. Дрогата кристал (на фотографијата) предизвикува паѓање на косата и забите, проблеми со стомакот се‘ до срцеви проблеми. Само мал број од нејзините пациенти консумираат кристал, но Краузе не исклучува дека тоа би можело да се промени, зашто овој вид дрога, од која веднаш се станува зависен, е во поход во Германија. Тоа денеска (25.04) го потврди и претседателот на Сојузната криминалистичка служба (БКА) Јерг Цирке.

Според неговите зборови, минатата година биле запленети 75 килограми дрога кристал, што претставува зголемување од цели 88% во споредба со 2011-та. Во моментов, ваква дрога најмногу се консумира во германските региони кои граничат со Чешка, каде што дрогата се произведува. Во Чешка, дрогата која консументите ја нарекуваат „ајс“, може да се купи лесно на локалните пазари и оттука да се внесе во Германија, вели Цирке и додава дека се‘ уште нема меѓународно организирана кристал-мафија, како што е случајот со хероинот. Но, и тоа не би можело да се исклучи во иднина.

Шефот на БКА нагласува и дека се забележува зголемена трговија со дизајнерски, односно синтетички дроги на интернет. Во Германија има 50 до 60 фирми кои тргуваат со дрога на интернет. Минатата година биле откриени 24 лаборатории каде што се произведувале дизајнерски дроги, кои инаку се нарекуваат и „лигал хајс“. Властите не очекуваат намалување на производството на ваков вид дроги, а се‘ повеќе се шири и консумирањето дрога екстази. Позитивно е тоа што минатата година биле запленети повеќе марихуана и хашиш во споредба со годината пред тоа, а се намалува и консумирањето хероин и амфетамини.