1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Државјанства на продажба: Малта ја налути ЕУ

Одлуката на Малта да го стави на продажба државјанството е жестоко критикувана во ЕУ. ЕП денеска ги осуди плановите на Малта и со резолуција бара од ЕК да провери дали ваквите намери се спротивни на европските договори.

Посредничката фирма за продажба на државјанства, „Хенли и партнери“, со седиште во даночната оаза Џерзи на својата интернет страница нуди државјанство на Малта. „Добивате слободен пристап до сите 28 земји на ЕУ“, гласи рекламата. И не само тоа: Малта има договор со САД и со уште 68 земји во светот за безвизно патување, па во понудата е вклучена и можноста за слободна посета на Северна Америка. Условите кои Малта ги бара за добивање државјанство, во споредба со други земји, се лабави. Заинтересираните не мораат да живеат на островот, и доволна им е само една посета за да ги потпишат документите за државјанството. Цената е сепак релативно висока. Државјанството за основниот барател чини 650 илјади евра, 50 илјади евра за сопружник и по 25 илјади евра за секое дете.

Идејата на властите е на овој начин да ги пополнат дупките во буџетот и да привлечат странски инвеститори. Но критиките од сите страни се жестоки. Затоа, пред извесно време социјалдемократскиот премиер на Малта, Џозеф Мускат ја зголеми цената. Дополнително, секој заинтересиран ќе мора и да инвестира 850 илјади евра во недвижнини или во некој бизнис. Но, критиките не згаснуваат. Незадоволна е опозицијата во земјата, но и Европскиот парламент.

Рединг контра Малта

„Државјанството не е за продавање. Земјите-членки треба да им даваат државјанство само на лица, кои имаат вистинска врска со соодветната држава“, изјави еврокомесарот за правда Вивиен Рединг. Согласно европските договори, лице, кое ќе добие државјанство на една земја- членка на ЕУ по автоматизам добива права во сите останати членки.

„Треба да си го поставиме прашањето дали правата поврзани со европското државјанство можат да зависат единственото од дебелината на паричникот или од сумата на банкарската сметка“, нагласи Рединг.

Hafen von La Valetta Malta

Малта

Министерот за финансии на Малта Едвард Скиклуна на расправата во Европскиот парламент се обидуваше да го минимизира проблемот. Секоја година, рече тој, Малта доделува околу една илјада државјанства на странци кои стапуваат во брак со жител на островот. Со новиот закон, годишно ќе се доделуваат од 20 до 50 државјанства годишно. „Овие 20 државјанства нема да доведат до поплава од нови пасоши во Шенген зоната, ниту пак Кинезите ќе навалат во Европа“, рече Скиклуна.

За фирмата „Хенли и партнери“ малтешките државјанства ќе бидат добар бизнис. Таа ќе добива по околу 70 илјади евра провизија за секој клиент. Сепак, конечниот збор при одобрувањето на државјанствата ќе го имаат малтешките власти. Поради стравувањата дека ќе има барања од земји како Либија, Иран, Кина и Русија, се воведуваат построги безбедносни контроли.

И други го прават истото!

Малтешкиот премиер Џозеф Мускат не може да сфати зошто се крева толкава бура. „Не е точно, како што тврдат некои медиуми, дека Малта одбрала погрешен правец. Постојат многу други држави, кои имаат слична програма за државјанства“, вели тој.

Португалија, Велика Британија, Бугарија, Австрија и Белгија, се само дел од земјите кои нудат државјанство во замена за инвестиции. Во некои земји потребно е да се има постојано живеалиште во период од пет години. И цените се разликуваат. Во Португалија е доволно да се купи скап недвижен имот. Во Велика Британија, да се вложат еден милион евра.

Во Германија тоа не е случај. Тука основен услов е да се живее постојано во период од осум години, иако ни тоа не е гаранција. Има и исклучоци. Доколку постои „висок јавен интерес“ некој странец може да добие државјанство.

Конечно, ЕУ нема право да се меша во тоа која земја како ќе го уредува прашањето на државјанствата. Тоа го потврдува и портпаролот на Европската Комисија, Микеле Черконе.

Поврзана содржина