1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Државниот секретар во македонското МНР се залагал за федерализација

Абдулкадир Мемеди, се’ уште актуелен државен секретар во македонското МНР, во разговор со американски претставници во 2008 година се залагал за федерализација на државата и обвинувал за корупција во министерството.

default


Американските дипломати во Скопје биле шокирани по разговорот кој амбасадорот Филип Рикер го водел со тогашниот и сегашен државен секретар во македонското МНР, Абдулкадир Мемеди во 2008. година.

На  работниот ручек со Рикер, Мемеди се фалел како си ја „заработил“ функцијата и покрај тоа што не бил член на ниту една политичка партија. Иако не директно, Мемеди имплицирал пред Рикер дека луѓе во министерството, најверојатно неговиот претходник државен секретар Игор Илиевски „се офајдил“ од зголемувањето на буџетот во МНР и купувањето нови амбасади низ светот.

Говорејќи за својата функција во македонското МНР, Мемеди рекол дека неговиот единствен интерес во министерството е да вработи 15-20 етнички Албанци и да ги доведе до високи позиции. „Настрана од тоа, нема да сторам ништо од она што ми е пропишано со законот“, велел Мемеди. Тој, според сопствено тврдење, одбивал дури и да потпишува документи за трошење државни пари, за да се одбрани од евентуални обвинувања за корупција.

Груевски го навредува Милошоски

Мемеди раскажувал и сочни детали од седници на владата. Укажувајќи на „тензичните односи“ меѓу министерот Милошоски и премиерот Груевски, Мемеди рекол дека Груевски често на владините седници го навредувал Милошоски.

На крајот на разговорот, се уште актуелниот државен секретар во МНР, Мемеди ја анализирал и актуелната политичка состојба во земјата, констатирајќи притоа дека „единствениот излез за Македонија“ е формирање на федерална држава. Во федерацијата, етничките Македонци и Албанци би имале голема автономија од централата во нивните региони, а сите одлуки на државно ниво би се носеле со конзензус меѓу двете најголеми заедници.

На крајот на телеграмата, американските дипломати констатираат дека изјавите на Мемеди биле шокантни за нив. „Тој воопшто не се ни потруди да покаже лојалност за неговиот министер или за неговата институција“, се заклучува во телеграмата.

Автор: Борис Георгиевски/викиликс

Редактор: Симе Недевски