1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Државите треба да се викаат како сакаат!

Големите и силните ги наметнуваат своите правила на игра, посебно во политиката, вели професорот Томас Поге од универзитетот Јејл, кој учествуваше на неделата на правичноста, организирана од фондацијата „Фридрих Еберт“.

default

Томас Поге: Ако границата е дефинирана нема причини за големата расправија околу името!

Со едно од многуте лица на  (не)правичноста, повеќе од две децении се соочува и Македонија. Иако не е политички експерт за спорот околу името, професорот Томас Поге, раководител на катедрата за филозофија и меѓународни односи на универзитетот Јејл, чија специјалност е правичноста и етиката, е дециден:

„Сметам дека расправијата е детска. Државите треба да се викаат онака како што сакаат. И тука не гледам некакви тешкотии! Доколку границата е дефинирана и за неа нема разлики во мислењата, не гледам причина поради која би имало толкава расправија околу името“,  вели Томас Поге.

На прашањето - каде во конкретниот случај  се изгубила правичноста кон Македонија, па за приемот во ЕУ и НАТО се инсистира земјата да си го смени името, тој одговара: 

Zeit für Gerechtigkeit Themenwoche Friedrich Ebert Stiftung in Berlin

„За големите прашања околу правичноста, секогаш проблемот е што, независно од јачината на страните, таа - правичноста, за секого и секогаш е иста. Ова најилустративно би го споредил со сообраќајот. Едно товарно возило или еден велосипед на улиците секогаш имаат исти права и обврски. Ако велосипедот доаѓа од десно, товарното возило мора да му даде предност“,  објаснува  Поге, според кого во реалноста е малку поинаку. Товарните возила не ја почитуваат предноста на велосипедистот и тој мора да почека доколку не сака да биде прегазен. За разлика од Германија, во многу други земји прописите не се почитуваат што значи - големината на возилото игра и поголема улога, отколку сообраќајните правила.

 Правичноста и во политиката е кај моќните!

 „Вака е и кај правичноста во политиката. Големите многу не полагаат на правичноста. Ги наметнуваат своите правила, па Американците можат да кажат: ако некому нешто не одговара е негов, а не проблем на Америка“,  констатира професор Поге.

Дека големите и силните го имаат последниот збор знае најдобро и Македонија. Што би значело ова конкретно за неправдата што и‘ се прави на земјата со спорот за името? До кога оваа состојба би можела да трае?

„Неправичноста може да трае стотици години! Нема сила во светот која автоматски може да ја спроведе правичноста. Ако сакаме да има правичност, значи дека ние мораме да ја спроведеме. Треба да има луѓе кои заеднички ќе се обединат против силата и ќе ја спроведат правичноста. Тоа некогаш се случува, а некогаш не! Кога не се случува, неправичноста може да да трае стотици, илјади години или вечно!“, филозофски за Дојче веле  одговара  професот Томас Поге од универзитетот Јејл.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска