1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Државата како најголем работодавач во БиХ

Босна и Херцеговина е држава со најскапа администрација во цела Европа. Со оглед на слабото стопанство експертите стравуваат дека и нејзе може да ја снајде слична судбина како Грција.

default

Седиштето на владата на БиХ во Сараево

Во Босна и Херцеговина на одржување на административниот апарат оди половина од бруто-домашниот производ, тврди експертот за економски прашања, Елдар Диздаревиќ. Во „нормалните“ земји за таа намена се издвојува не повеќе од 10%: „Стопанствата на многу посилни земји од нашата не би можеле да го издржат товарот на таква администрација, каква што имаме ние. А нашата економија е згора на тоа уште и слаба, уништена од војната и потполно незаштитена од странската конкуренција“, појаснува економистот Диздаревиќ, потсетувајќи на проблемите со кои се соочува многу посилната Грција.

Bosnien BBI Centar in Sarajevo

Трговски центар во Сараево

Тој тврди дека јавната администрација во БиХ е предимензионирана и има голем број навистина непотребни работни места: „Нема министерство, кое нема по четири или пет советници или пак, по 20 до 30 проценти повеќе службеници од она што би било оптимален број.“

Многу службеници - многу нивоа

Говорот на бројките зборува во прилог на проценката на економскиот експерт Диздаревиќ. На трите нивоа на државната управа - сојузното, трите ентитета и 10-те кантони има околу 260 министри, пратеници и делегати, што Босна и Херцеговина ја вбројува во редот на земји со најголем број министри по глава на жител, вели Санел Хускиќ, претседател на Алумни-центарот за интердисциплинарни постдипломски студии. На тоа треба да се додаде бројот вработени во 137-те општини, како и на оние од разните државни агенции.

„Федерацијата Босна и Херцеговина со своите 10 кантони е толку скапа, што речиси 70% од средствата оди на одржување на јавната администрација. По подмирувањето на нејзините потреби остануваат многу малку пари за развојни иницијативи - подобро речено не остануваат воопшто пари за нив“, нагласува Хускиќ.

Политички интереси

Banja Luka Banski Dvor

Седиштето на владата на Република Српска во Бања Лука

Тој не гледа ни шанси тоа наскоро да се намали, бидејќи партиите на власт очекуваат поддршка од своите кадри, вработени во државните органи за претстојните избори. „Владеачките партии ја наполнија администрацијата со свои луѓе, со свои клиенти. Нивен витален интерес е таа гласачка моќ да не се смалува.“

Затоа владеачката олигархија ја осудува секоја иницијатива - било домашна, било странска - за укинување на кантоните или барем за смалување на нивниот број: „За Федерацијата би било најреално да се спроведе не моментално, туку постепено укинување на кантоните, односно да се оди на префрлање на нивните надлежности на федеративно ниво, паралелно со окрупување на кантоните. Нема потреба од 10 кантони, се’ може да се организира во три“, тврди Санел Хускиќ, претседател на Алумни-центарот за интердисциплинарни постдипломски студии. Според него, пренадуената администрација е еден вид купување на социјалниот мир во земјата - барем до наредните избори!

Автор: Самир Хусеиновиќ/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска