1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Драхмата ги плаши Грците

Дел од Грците и натаму ги вадат парите од банка поради кризата, дел се‘ уште се во дилема. Данокот на кризата е огромен. Во Волос нема кој не се плаши за иднината.

Во светот од античките легенди од Волос аргонаутите тргнуваа на море во потрага по златното руно. Денес на жителите на градот не им остануваат многу пари, па дури и на викенд ретко одат во ресторан.

Поради несигурната политичка ситуација се’ повеќе Грци ги вадат своите пари од банка. Димитрис Георгакис го знае тоа. Тој има киоск покрај една банкарска филијала. Од луѓето слуша дека многумина сметаат оти враќањето на драхмата е се’ поверојатно, а крајот на ерата на еврото во голема мера ќе им ги обезвредни заштедите.

„Повеќемина од вработените во банката ми потврдуваат дека во последните денови некои клиенти ги извадиле сите пари - поединци однеле дома и по 20 до 50 илјади евра. Повисоките суми се веројатно префрлени на сметки во Кипар или Израел. Но, ова уште не масовна појава, од сите сметки испразнети се можеби само околу една десетина“, вели Георгакис.

Стравот од иднината посебно се чувствува на периферијата од Волос, еден од неколкуте индустриски градови во Грција. Овде зачестува затворањето на претпријатија со традиција.

И концернот за челик АрселорМитал пролетта го затвори овдешниот погон, стотици работници останаа без работа.

Од седум производители на пијалоци, остана само еден. Од избивањето на кризата фирмата Епса бележи пад на прометот од 20 проценти и големи загуби. Раководството уште не донесе превентивни мерки за евентуалното враќање на драхмата, иако тоа би можело да предизвика хаос и паника. Панајотис Милис, шеф на маркетинг во Епса вели:

„Вака или онака - се плашиме од иднината. Но, можеби драхмата и не е толку лоша за сите нас. Така конечно би имало шанса за подем. Можеме да се прилагодиме на новите услови“.

Волос доживуваше бум од времето на драхмата се’ до 2002 година. Најголемиот дел од луѓето сепак и натаму сакаат да живеат со еврото, стабилна голема валута. Панос Теофанидис смета дека најголем дел од Грците ги потценува опасностите ако повторно биде воведена драхмата.

Панос Теофанидис, вработен во фирма за рентакар вели: „Тогаш вредноста на платите би била преполовена, а истовремено стоките од увоз би биле двојно поскапи и недостижни за сите, стопанството ќе колабира - тоа е смрт на Грција“.

Некои веќе се снаоѓаат без евро. Саботни средби на членовите на нова граѓанска иницијатива. Ангелики Јоанити овде се снабдува со нова славина - и тоа без пари. Продавачот добива само бон, што Јоанити мора електронски да го регистрира. Таква е постапката. Продавачот на славината може од членовите да побара со бонот други стоки или услуги, на пример молерисување или поправка на автомобил или пак шивачки услуги од Ангелики Јоанити.

„Сметаме дека можеме да егзистираме паралелно со еврото, со нашата иницијатива можеме да покриеме многу од дневните потреби. Така можеме значително да ги намалиме расходите. Тоа е нашата најважна цел. Проаѓаме низ тешка криза, но ова е можност малку да и’ пркосиме. Сигурно ќе пронајдеме и други нови патишта“, вели сопственичката на шивачница Јоанити.

Symbolbild Finanzkrise Griechenland

Сопственикот на киоскот Димитрис Георгакис уште има доверба во парите и заштедените ги остави в банка. И тој, како и најголем дел од Грците, е за задржување на еврото:

„Мислам дека 80 проценти од Грците сакаат да остане еврото, оти им се познати последиците од напуштањето на еврозоната. Многумина, кои веќе немаат што да загубат, во драхмата гледаат подобра алтернатива“.

Во алејата на агронаутите, како и насекаде во земјата, се мешаат сомневање и надеж. Античките аргонаути се вратиле дома со златното руно - но, дури по подолго талкање.