Драма кај социјалдемократите | Свет | DW | 14.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Драма кај социјалдемократите

Што ќе се случи ако во куќа што гори се фрли средство за брзо ширење на огнот? Она што СПД во моментов го прави со дилетантски инсценираната смена во врвот. Мораше да се знае дека ќе биде така, оценува Сабине Кинкарц.

Мартин Шулц предизвика голем хаос во СПД. Но, најголемата штета некогашниот исцелител веројатно ја направи при своето заминување. Носење одлука за свој наследник во најтесен круг, која потоа ѝ се диктира на партијата ја разбесни базата на СПД повеќе отколку што веќе беше. Оној што пред една недела слушаше што зборува Шулц кога на јавноста ѝ соопшти за Андреа Налес, веројатно накратко остана без воздух. Начинот на којшто Шулц ја соопшти смената на врвот остави впечаток како изборот на 47-годишната шефица на пратеничката група за нов лидер да е само формалност која ќе помине на вонреден конгрес.

На СПД да ѝ се наредува одозгора и тоа токму сега, кога недовербата меѓу базата и партиското раководство има добиено досега невидени размери? Што им е на Шулц и Андреа Налес? Секој кој има барем малку поим од СПД и нејзината чувствителност, а од двајцата тоа треба да се очекува, мора да знае што ќе се случи. Политичко раководење изгледа поинаку.

Зошто го прават тоа?

Се разбира, се наметнува претпоставката дека Налес ја користи поволноста на моментот, создава факти и сака да си ја осигура функцијата. Шулц постапувал веројатно со најдобри намери, на местото лидер на партијата сметал дека треба да дојде жена која ќе го пополни вакуумот во владеењето кој се заканува во СПД. Но, двајцата се пресметаа и останува да се види дали можеби со тоа не се намалија шансите на Налес да стане прва жена на чело на СПД.

Повеќе: 

Мартин Шулц се откажува и од министерските амбиции

Андреа Налес- прва жена на чело на германските социјалдемократи

Додуша партиското раководство, за да не ја заострува состојбата натамошно, како вршител на должноста партиски шеф до вонредниот конгрес на 22 април го постави Олаф Шолц. И покрај тоа, во СПД врие. И тоа само на една недела пред одлуката на членството на партијата за коалициониот договор. Гласање кое и онака е неизвесно. Ако долго собираното незадоволство на партиските членови се излее во форма на немање желба да се зборува за содржината на коалициониот договор, туку во судир околу личности, тогаш тоа на СПД во моментов навистина не ѝ е потребно.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App

Сабине Кинкарц

Може ли полошо?

Раскарана, дезориентирана и во слободен пад - така изгледа партијата на почетокот на 2018 година. Според актуелните истражувања на јавното мислење, во моментов помалку од 17% од избирачите би го дале својот глас за СПД. Тоа значи дека СПД не би можела да се нарекува народна партија. Од АфД ја дели само еден процент. Каква драма! Прво дојде Партијата на Левицата и одзеде тло од под нозете на СПД, потоа ЦДУ ги окупира преостанатите социјални теми, а сега и десните популисти се обидуваат да се мешаат во содржини за кои вообичаено се задолжени другарите социјалдемократи.

Како Андреа Налес ќе излезе на крај со сето тоа? Веќе сега ја нарекуваат „жена среде урнатини“, затоа што ќе мора да ја обновува партијата онака како што германските жени ги обновувале градовите по Втората светска војна. Налес сигурно не си го замислувала така своето искачување на врвот. Претседателка на младинската организација, генерален секретар на партијата, шефица на пратеничката група, лидерка на СПД. Звучи како кариера која се одвивала строго по план и тоа и ќе биде доколку Налес биде навистина избрана за лидер на СПД.

Партијата всушност ја сака

Таа е сведок на заминување на тројца лидери од врвната позиција, знае како се влечат конците, политиката на владеење ја има учено такаречи од мали нозе. Но, токму поради тоа за многумина во СПД кои посакуваат нов почеток е сомнителна. Зарем не е дел од естаблишментот, значи раководството кому партијата толку многу не му верува? Андреа Налес во наредните недели ќе мора да покаже дали може да ја обедини партијата зад себе. Партиските другари всушност ја сакаат. Сепак, сигурна не може да биде, а веќе има и противкандидатка - градоначалничката на Фленсбург, Симоне Ланге.

Но, Налес е борец. Тоа била отсекогаш, а шефовското место во партијата е она кон што секогаш се стремела на долгорочен план. Којзнае, историјата можеби ќе се повтори. Зарем немаше жена пред 18 години која исто така настапи како „жена среде урнатини“ со цел да ја извлече партијата од дотогаш непознат хаос? Партија чијшто лидер исто така се повлече во февруари и потоа (исто така) во април за шеф избра жена. Пет години подоцна шефицата на ЦДУ Ангеа Меркел, како што е познато, стана и канцеларка.

DW.COM

Поврзана содржина