1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Драматични поплави во Рио де Жанеиро

Поројните дождови и лизгањето на земјиштето однесоа над 95 човечки животи во Рио де Жанеиро, а повеќе од стотина се повредени. Најголемите дождови во последните 50 години целосно го парализираа животот во градот.

default

Поголемиот дел од Рио де Жанеиро е целосно поплавен

Во Рио де Жанеиро владее целосен хаос по тридневните поројни дождови. Поголемиот дел од жртвите биле жители на сиромашните фавели сместени на ридовите кои го опкружуваат милионскиот град. Поројните дождови во тие делови довеле до големо лизгање на земјиштето кое ги однело со себе трошните колиби на жителите. Локалната власт предупреди дека поради лизгање на земјиштето се заканува опасност да се урнат повеќе од 10.000 домови. Градоначалникот на Рио Де Жанеиро, Едуардо Паес ги замоли жителите да не ги напуштаат своите домови.

Веќе втор ден се затворени училиштата и аеродромите, а сите сообраќајници во центарот на градот се затворени за возила. Нивото на водата е многу високо, поради што е невозможно какво било движење по улиците.

Лула бара молитви до Бога

Überschwemmung in Brasilien nahe Rio de Janeiro

Лизгањето на земјиштето ги збриша домовите во сиромашните четврти на градот

Шефот на државата Луис Игнасио Лула да Силва ги повика Бразилците да се молат да престанат дождовите и да се обидат да продолжат со секојдневниот живот. Тој остро ги критикуваше локалните власти поради тоа што со години ги затворале очите пред нелегалните градби во сламовите. Граѓаните го делат неговото мислење. „Тука никој не се грижи за инфраструктурата и затоа се случува ваков хаос. Нормално е во една тропска земја да има вакви дождови. Тоа секој го знае“, вели еден жител. „Ова е отрезнувачки повик за Владата. Таа сака тука да го организира Светското првенство во фудбал, а не прави ништо на тој план. Тоа е ужасно“.

Локалната метеоролошка служба соопшти дека количеството на вода кое паднало во последните два дена е еднакво на просекот за целиот месец април во изминатите години.

Рио де Жанеиро ќе биде домаќин на Светското фудбалско првенство во 2014 и на Олимписките игри во 2016 година.

Автор: БГ/АТ/афп/дв

Редактор: Александра Трајковска