1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Дража Михајловиќ повторно ја крена температурата во регионот

Пред Вишиот суд во Белград во тек е постапката за рехабилитација на командантот на Југословенската војска во татковината и водач на Равногорското движење – генералот Драгољуб Михајловиќ.

Генералот Драгољуб Михајловиќ е стрелан на 17-ти јули 1946 година, откако беше осуден од Воениот суд за предавство и воени злосторства. Барањето за рехабилитација во 2006-та го поднесе неговиот внук Воислав Михајловиќ. Со барањето е побарано поништување на пресудата од 15-ти јули 1946 година, со која Дража Михајловиќ е осуден на смрт и со која претходно му се одземани сите граѓански права. Интересен е податокот дека Вишиот суд одби сведочење на учесникот во Народноослободителната војна Ристо Вуковиќ, кој ја оспорува рехабилитацијата на Михајловиќ.

Процесот веќе предизвика големо внимание, како во Србија, така и во регионот, и повторно ги покрена полемиките за историското место и улога на Дража Михајловиќ. Забележани се и протести на противниците на Михајловиќ пред Вишиот суд, како и кошкање пред него со припадниците на Равногорското движење.

Не е рехабилитација, туку судски процес за судскиот процес

Dr. Branka Prpa

Историчарката д-р Бранка Прпа

Историчарката Бранка Прпа за Дојче веле кажува дека во јавноста е создадена намерна збрка за суштината на процесот кој е во тек. Имено, вешто се прикрива дали тоа е процес за судска рехабилитација на Дража Михајловиќ или е тоа судски процес кој го преиспитува судскиот процес против Дража Михајловиќ од 1946-та година, нагласува Бранка Прпа.

„Целата работа всушност се води како преиспитување на судскиот процес на Дража Михајловиќ, кој е воден против него, а потоа врз основа на резултатите од преиспитувањето на тој процес всушност се врши рехабилитација. Но, тоа едноставно не е можно, а да не го доведете во прашање целосниот судски систем. Не може некој да биде обвинет за злосторства, па да се преиспитува судскиот процес, којшто е воден против таквата личност, а всушност исходот од целиот тој процес да биде ослободување од каква и да било вина на личноста против која е воден судскиот процес. Значи, работава целосно е монтипајтоновска. И, целата таа фарса, и целата таа сапуница, всушност се производ на ваквите околоности, со кои на еден ајдучки начин се менува историјата и вредносниот систем“, забележува Прпа.

Знаеме кои беа Дража и четниците

Историјата го даде својот суд за Дража Михајловиќ, оценува Бранка Прпа. Него при тоа не го компромитираше т.н. „комунистичка иконографија“, туку тој се компромитираше самиот себе си и своето движење по војната. Бранка Прпа наведува неколку неспорни факти за Дража Михајловиќ, од кои првата е дека тој бил именуван од владата во прогон за воен командант на југословенската војска во татковината.

„Како таков имал задача да се спротивстави на окупациските сили, на тогашната раскомандувана Југославија, и тоа е вториот факт. Третиот факт е дека тој тоа не го правел. Четвртиот факт е дека неговите сили влегле во злосторство против цивилното население и против партизаните. Петиот факт е дека тоа злосторство е вршено на начин кој е под цивилизациските норми на 20-тиот век – значи, исклучиво да се користи колење на луѓе. Фактот што следи потоа е дека тој е разрешен од истата таа влада во Лондон, односно му е наредено да ги распушти единиците и да се приклучи на Народноослободителната војска на Југославија. Последниот факт е дека кралот Петар Втори ја проследи таа наредба со свој указ, а епилогот е дека тој таа наредба не ја послуша и тргна во борба против партизаните“, забележува Прпа.

Gedenken an General Mihajlovic in Serbien Srebrenica Bosnien Mladic Karadzic

Приврзаници на движењето на Дража Михајловиќ носат симболи и маици со неговиот лик

Судот одбива сведоштво на жртвите

Бранка Прпа забележува дека врз основа на тие историски факти може да се заклучи зошто сегашниот судски процес не се води официјално како процес за рехабилитација.

„За да рехабилитирате некого, прво мора да докажете дека не е виновен. Значи, отворате виктимолошко прашање. Замислете, овој Виш суд притоа одбива сведочење на жртвите. Значи, на дуот нема виктимолошки прашања, прашања за жртвите, а целата работа се образложува со тоа дека судскиот процес се води за преиспитување на судскиот процес. Ова е процес во кој жртвите не се споменуваат, едноставно ги нема, а ниту имаат право да пристапат до судот. Тука едноставно станува збор за една манипулација да се дојде до резултатот до кој инаку не може да се дојде во ревизија на судскиот процес, каде ќе имате и прашање за жртвите“.

Каде припаѓа Србија

Целиот овој процес е погубен за самата Србија, смета Соња Бисерко, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, според која земјата на тој начин се одрекува од своето антифашистичко минато.

„А, бидејќи тоа се’ уште е темелна вредност на самата Европа, многу е важно Србија на крај да се определи околу тоа каде припаѓа, кон кој правец. Значи, четниците во меѓувреме се изедначени најпрво со партизаните, за во меѓувреме партизаните да се маргинализираат и сега имаме четничко антифашистичко движење. Тоа не само што ги навредува чувствата на Србите, односно граѓаните на Србија и другите Срби ширум Југославија, туку и сите соседни народи, кои биле под терор на четниците, како во Хрватска, Босна и Херцеговина, а да не го споменувам и самиот Санџак“, вели Бисерко.

Präsidentin des Helsinki Komitees für Menschenrechte in Serbien, Sonja Biserko

Претседателката на Хелсиншкиотм комитет на Србија Соња Бисерко

Расправи за границите

Соња Бисерко забележува дека процесот на рехабилитација на Дража Михајловиќ ја зголеми температурата во регионот и дека секако нема да влијае позитивно на подобрување на регионалните односи.

„И посебно поради фактот дека војните од деведесетите, посебно во Хрватска и Босна, беа водени под симболите на Дража Михајловиќ и четничките симболи воопшто. И второ, затоа што територијата што била зацртана во овие војни е истата онаа која била зацртана во програмата за хомогена Србија во текот на четириесетите години на минатиот век“, забележува Бисерко.

Преземањето на четничката идеологија значи и можно влијание на актуелните историски случувања, предупредува исто така и Бранка Прпа. Да се негира партизанското движење, антифашизмот и АВНОЈ значи да се тврди дека границите не се дефинитивни. Тоа е идеолошка основа за некои идни, можни расправи на тема граници, вели Прпа.