1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

ДПA ги соопшти идните министри

Демократската партија на Албанците со одлука го официјализираше учеството во новата македонска влада. По четири години опозиција, лидерскиот двоец Џафери - Тачи повторно се враќа на власт.

Седиштето на ДПА во Рашче

Седиштето на ДПА во Рашче

Партискиот врв на ДПА ја потврди распределбата на четирите министерски места, договорена со мандатарот Никола Груевски. Градоначалникот на Сарај, познат бизнисмен во релациите со Косово, Имер Селмани ќе биде вицепремиер задолжен за дореализација на Раковниот договор, чија петгодишнина ќе се одбележи на 13 август. Мендух Тачи вчера ги соопшти имињата на новите министри од редовите на ДПА:

“Министер за здравство - Имер Селмани, за образование – Сулејман Рушити, за култура – Илиријан Беќири, за екологија – Имер Алиу.“

Опонентите на ДПА во редовите на албанскиот електорат – ДУИ, трет ден ќе ги блокираат магистралните патишта во Македонија половина час. Челниците на коалицијата ДУИ-ПДП, Али Ахмети и Абдулади Вејсели, за утре најавуваат заедничка прес конференција. Лидерот на “интегративците“ е во интензивна комуникација и со Брисел, од каде преку ЕУ-дипломатот Хавиер Солана и заменикот генерален секретар на НАТО, Роуз побарал поддршка за барањата ДУИ да биде дел од новата влада. Од штабот на Ахмети велат дека е доведено во прашање и македонското партиципирање во НАТО и ЕУ , зашто на чело на владата ќе биде Никола Груевски како “поддржувач на неуспешниот референдум против новите граници на општините, одржан во ноември 2005 година“. Ова би била и содржина на писмото на истакнати интелектуалци и бизнисмени од албанската етничка заедница, што деновиве ќе биде упатено до Вашингтон како противтежа на барањата на ДУИ за учество во идната власт, но и незадоволство од американската амбасадорка во Македонија , Џилијан Милованович, околу притисокот ДУИ да биде и во кабинетот на Груевски. Протестите на ДУИ и ПДП продолжуваат иако ЕУ-амбасадорот, Ерван Фуере, синоќа преку телевизијата Алсат порача:

“Дијалогот е подобар, но се разбира имаме разбирање за протестите, доколку тие се демократски и ако се во границите на законите“.