1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ДПА бара „лекс специјалис“

Опозиционата Демократска партија на Албанците бара посебен закон со кој, меѓу другото, ќе се гарантира албанскиот идентитет и албанскиот јазик во Македонија.

default

Мендух Тачи

Наместо граѓанска - мултиетничка демократија, идните влади да се составуваат врз партнерство и учество на македонската и албанската партија победници на изборите и гаранции за албанскиот идентитет во Македонија - тоа, според ДПА, би бил дел од новиот договор на двете најголеми етнички заедници како замена за Охридската спогодба од 2001 година. Новото партнерство меѓу Македонците и Албанците во унитарна држава го нуди лидерот на опозиционата Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи. Тој неодамна ги возбуди политичките духови во Македонија откако изјави дека Охридскиот договор е мртов и нефункционален.

„Во Македонија сме научени да имаме предлог за разговори, преговори, за нови договори, после пукање, после убивање луѓе... Работиме, нашиот предлог е за денешнината на Македонија“, изјави Тачи.

Тој, вчера попладне, не откри што би нудел новиот мултиетнички договор за иднината на Македонија. „Да се донесе лекс специјалис, посебен закон, каде ќе се гарантира албанскиот идентитет, албанскиот јазик и другите работи што се поинакви од македонските“, бара Тачи.

Владеачката Демократска унија за интеграција ги отфрли, како што вели „евтините партиски трикови на Демократската партија на Албанците“. „Охридскиот договор со сите слабости во неговата реализација е сепак гаранција за правата на Албанците во Македонија и една функционална меѓуетничка кохабитација“, рече неодамна Теута Арифи од ДУИ, во еден телевизиски настап.

„Слушнавме, деновиве, изјави дека треба нов Рамковен договор, меѓутоа не слушнавме за суштината на тој Рамковен договор, односно кои се потребите. Демократската унија за интеграција, до овој момент, има направено најмногу за остварување на правата на албанската етничка заедница, за етничките барања“, вели Владимир Мисев, директор на Институтот за демократија.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска