1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ДПА:Македонија побрзо во ЕУ и НАТО

Владината ДПА за пет дена ќе одржи конгрес,нема да бара официјализирање на албанскиот јазик на целата територија на Македонија,туку двојазично функционирање на државата ,вели заменикот претседател Мендух Тачи

default

Мендух Тачи

Забрзано финиширање на примената на Охридскиот рамковен договор, институционално и законско решавање на статусот и правата на загинатите борци и инвалидите од ОНА во конфликтот во 2001 година, правична застапеност на Албанците и регулирање на службената употреба на нивниот јазик, исто така, со закон – ова ќе бидат најважните политички приоритети кон кои ќе се насочи владината Демократска партија на Албанците во својата постконгресна политичка агенда. Спроти конгресот, закажан за 30 јуни годинава во Струга, ДПА со вчерашното изборно собрание на тетовскиот огранок ги заокружи подготовките за највисокиот партиски собир.

Заменик – претседателот Мендух Тачи во Тетово рече:

- “Не е и нема никогаш да биде албанскиот јазик официјален на целата територија на државата. И таму каде што се сто отсто Албанците, пак ќе треба да се употребува како прв македонскиот јазик. Државата и нејзините институции ќе треба да функционираат двојазично. “

Но, додека вториот човек на ДПА вчера ги означи како нечии халуцинации мислењата дека неговата партија се стреми не кон регионална официјалност, туку кон официјалност на албанскиот јазик на рамниште на целата држава, самиот тој пред три дена во дебатата на тетовскиот државен универзитет истакна:

“Има уште многу работа да се заврши до целосното официјализирање на албанскиот јазик. „

Конгресот ќе треба да ја прецизира партиската стратегија околу разрешувањето на ова прашање.

ДПА ќе се залага и за побрз чекор на Македонија на патот кон Европа:

- “Она на што инсистира ДПА е: политичкиот дијалог треба да продолжи внатре во Собранието. Ако можеме да се договориме приоритет да имаат сите закони кои ќе го забрзаат патот до интеграцијата во НАТО и Европската унија, а четирите најголеми пратенички групи да се договорат, оти тие ги имаат двотретинското мнозинство и Бадинтер, тогаш ќе одиме бргу напред. “ вели заменик – претседателот на ДПА.

Мендух Тачи тврди оти ќе се реши дали да се кандидира за лидер на неговата партија низ консултација со Арбен Џафери. Но, неговите зборови вчера во Тетово, неодоливо прозвучија како на промоција на еден нов партиски лидер, кој досегашниот го испраќа во политичка пензија со сите почести.