1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

До ѕвездите преку небото

Артан Догани од Гостивар е пилот на „Луфтханза“, магистер по аеронаутички инжинеринг и докторант за аеронаутика и вселенски летови на НАСА. Негов сон е да биде првиот потенцијален космонут од Република Македонија.

default

Пилот на Луфтханза сонува да биде првиот космонаут од Македонија

„Земјата е колепка на човештвото, но, тоа не може да остане засекогаш во неа“ – оваа бележита реченица на Константин Циолковски, прочуениот руски научник, визионер и основач на космонаутиката, претставува сон на многу поколенија. Еден млад човек од Македонија трпеливо и успешно ги минува скалилата до остварувањето на својот животен сон, којшто коинцидира во некои елементи со визијата на Циолковски. Артан Догани, 27 – годишно момче од Гостивар, планираше студии по економија во Германија, но, стаса да ја заврши Пилотската академија на германската авиокомпанија „Луфтханза“.

Пред два месеца тој магистрираше на Одделот за аеронаутички инженеринг на Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија. Како стипендист на „Луфтханза“ од зимскиот семестар во 2009 година заминува на докторски студии во Аеронаутичкиот институт на НАСА - американската национална агенција за аеронаутика и вселенски летови во Ставангер, Норвешка.

Меѓу аеронаутиката и космонаутиката

Артан Догани, чиј интерес е вонземската физика, сега е на крстопат: меѓу небото, или – чекор понатаму? - „Тука се наоѓам меѓу аеронаутиката и космонаутиката. Сега треба да го направам оној последен чекор кон космонаутиката. Веројатно, ако ги завршам успешно докторските студии, ќе бидам и со двете нозе внатре во космонаутиката. На практичен план тоа е еден ден ако успееме да слетаме со спејсшатл на НАСА на месечината.“

До заминувањето на докторските студии во НАСА Догани ќе работи како пилот во „Луфтханза“ со лиценца да управува со сите типови на огромните авиони „ербаси“. Овој Гостиварец со широка насмевка на лицето првин планирал да се образува во Македонија и да се вработи во домашната авиокомпанија „МАТ“. Но, како што вели, „поради ограничувањата во матичната земја за просперитетот на младите таленти“, заминал на Запад.

Неговиот татко Алаедин зборува за семејниот аманет, што му го предал и на својот син „Секогаш сме ги советувале да бидат трудољубиви и чесни. Нормално, можеби и среќата малку помага, меѓутоа, без да се запне добро да се учи, тешко човек да успее.“

Поддршка за исполнување на сонот

Артан Догани овие денови се одмора во родниот град со двете малолетни дечиња и со сопругата Ајнур – натурализирана Германка, со која се оженил во таа земја. Како гледа на амбициозната кариера на својот сопруг? – ја прашавме Ајнур „Го поддржував досега на секој чекор, а тоа истото ќе го правам и во иднина.“

Младиот Догани вели дека ќе живее на Запад, но, и оти, сепак, нема да ја заборави Македонија „Би сакал да се обидам еден ден, ако ништо друго, да и се помогне на татковината и ние некогаш да достигнеме, ако не во такво ниво, како Европејците, барем половината да го реализираме од она што го имаат тие направено.“

Животното патешествие на Артан Догани од Македонија ги има сите шанси да биде уште едно сведоштво дека и во модерното време е актуелна латинската изрека „Низ трњето до ѕвездите“. Со небото како попатна станица.