1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

До туѓо паркинг - место преку интернет

Барањето место за паркинг може да се претвори во вистински кошмар за возачите во Келн. Градот со години има проблем со паркирањето, но интернет-апликацијата на двајца студенти може да помогне во изнаоѓањето решение.

Барање паркинг место во Келн - вистински кошмар.

„Навечер е особено тешко, затоа што сите во Келн некаде одат. Не би можела да ви кажам колку време се бара паркинг место, но со сигурност трае најмалку половина час“, вели Саманта Монинка додека неуспешно се обидува да го паркира својот автомобил.

Решение: да се изнајми туѓо приватно паркинг-место. Саманта може да резервира и да плати преку нејзиниот смартфон. До таквата идеја дојдоа двајца студенти од келнскиот Универзитет.

„Кога возите и барате паркинг-место често пати ќе се најдете пред нечие приватно место и си помислувате дека сте нашле. Така и ние си помисливме, доколку може тука да се паркира тоа би било одлично“, вели Адалберт Рајца, еден од двајцата творци на интернет платформа „Ампидо“.

Тоа е сега можно: со Ампидо апликацијата. Преку интернет можете да изнајмите паркинг места на сопственици кои во моментот не ги користат. Шест месеци им беа потребни на основачите да ја застанат фирмата на нозе.

„Се‘ ставивме на една карта, повеќе не можевме да ја издржиме оваа состојба со барање паркинг-место и си рековме: ајде да пробаме, без разлика што ќе не’ снајде, и додадовме гас и се’ уште додаваме гас“, објаснува Јасотаран Пакасатан, ко-сопственик на Ампидо.

На пример со растурање летоци. Договорот е едноставен: кога возачот ќе резервира, Ампидо добива 30 проценти провизија од сопственикот.

„Тука во јужниот дел на Келн е тешко да се најде паркинг место и затоа мојата сопруга и јас за викенд, а често и во петоците, одиме некаде и го оставаме на располагање паркинг-местото. Отсекогаш сум сметал дека местото може да се изнајми“, вели Макс Волтер кој го изнајмува неговото паркинг место. Еден час паркирање тука чини 1,50 евро.