1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

До секси тело со личен фитнес тренер

До неодамна личен фитнес тренер имаа само ѕвездите од Холивуд. Последните пет години овој „луксуз“ си го дозволуваат се’ повеќе „обични смртници“ во Германија.

default

Бернд и Мадлен не се ни вљубени, а уште помалку венчани - а сепак тој прави се’ што таа ќе му каже. Бернд лежи со грбот на една гумена топка и го крева горниот дел од телото за да ги засили стомачните мускули. Тој моментно има 110 килoграми и вели дека му стежнале премногу. Од август минатата година се решил да најде личен фитнес тренер и така дошол до Мадлен: „Порано ќе престанев со вежбање по одреден број повторувања на вежбата, но сега мојата фитнес тренерка бара да продолжам. Таа има право на тоа, јас и’ го давам. Самиот себе да се натерам, тоа некако не ми лежи...“ - појаснува Бернд.

Добри резултати

Во меѓувреме, откако ја има Мадлен на своја страна, Бернд има веќе симнато осум килограми и вели дека е задоволен поради тоа. Тој инаку има 45 години, работи како надворешен соработник на една фирма, што значи дека е често на пат и поради сето тоа мора многу, многу да седи. Некои од неговите колеги и пријатели, кои дознале дека има личен фитнес тренер, мислат дека тоа е поврзано со успехот во неговиот бизнис. Впрочем услугите на тренерката го чинат 240 евра месечно.

Kieser Training Fitness

„Можам да си го дозволам овој луксуз, но и задоволен сум од тоа. Ако размислам подобро, потрошив еден куп пари за да ставам толку многу килограми на себе. Сега можам да инвестирам и во нивното симнување. Кога знам дека имам фитнес термин со мојата тренерка, тогаш тоа го сфаќам сериозно, доаѓам навреме и му се посветувам целосно. Порано, меѓутоа, кога требаше да одам во обично фитнес студио, тогаш постојано му подлегнував на искушението дека имам многу работа, дека немам време за тоа и или ќе отидев подоцна или пак најчесто воопшто не одев на фитнес...“

Фитнес тренер „по мерка“

Неговата тренерка, Мадлен Фелзнер, прво дипломирала на Спортската академија во Келн. Подоцна завршила и повеќе дополнителни курсеви за личен фитнес тренер. Во меѓувреме се има пријавено како самостоен претприемач и може секој да ги побара нејзините услуги - секако доколку може и да ги плати. Покрај тоа таа работи и во едно фитнес студио во Келн, како советник. Таа не му се чуди на вистинскиот бум во побарувачката по личен фитнес тренер, што се забележува во германските поголеми градови:

Flash-Galerie frau macht Dehnungsuebungen

„Ако погледнеме како денес функционира општеството, како сите стенкаат поради недостатокот на време, како работното место би проголтало и по 24 часа на ден, да може, тогаш е многу нормално и разбирливо тоа што луѓето бараат спас од таквото темпо. Но, гледам дека станува збор и за растечка отуѓеност, не само на деловен, туку и на личен план. На луѓето денес им треба некој, кој ќе се грижи за нив, за нивното здравје и благосостојба и тоа на многу индивидуален начин - таков каков што ним им е потребен!“

Култ на здраво тело

Мадлен раскажува понатаму дека најголемиот дел од нејзините муштерии бараат од неа да им помогне во разградувањето на стресот што им го носи секојдневието. Тие сакаат повторно да бидат „фит“, сакаат да ја намалат телесната тежина што се насобрала со премногу седење. Но, наместо самите да се натераат на пример да истрачаат неколку километри во блискиот парк, тие бараат од Мадлен да им каже што, како и колку често треба да прават. „Луѓето стануваат се‘ поиндивидуализирани, ним им требаат во склад со тоа и индивидуално одредени цели, како и некој кој ќе ги води до нивното остварување - доколку не успеваат самите тоа да го сторат.“

Кој може да биде личен фитнес тренер?

Титулата личен фитнес тренер не е заштитена како посебна професија. Тоа значи дека со неа може да се закити кој што сака и за еден час тренинг да заработува меѓу 50 и 120 евра. Сепак, веќе постои Здружение на лични фитнес тренери на ниво на Германија, кое засега опфаќа околу 400 активни членови. Меѓу нив е и Изабела Гшвандтнер, која неколку години по дипломирањето на Спортската акaдемија во Келн се решила да стане самостоен претприемач и тоа како личен фитнес тренер.

Frau im Fitness-Studio

Таа ја чека следната муштерија во еден парк во Келн: „За муштериите сме секогаш тренери, мотиватори, психолози и советници за прашања на исхраната - сето заедно!“

Опоравок по стресна фаза

Денеска Изабела Гшвандтнер работи со Бернадет, која сака да му се врати на запоставениот џогинг преку вежби по „нордиско брзо одење“. „Мене ми пречи кога луѓето мислат дека ова е некој луксуз, како на пример кога ќе си купам скап часовник од дизајнерот Картије. Мислам дека личниот фитнес тренер ми носи многу повеќе во животот од луксузен часовник...“ - вели Бернадет, која веќе половина година оди на тренинг со Изабела и тоа еднаш во неделата.

„Сакав да направам нешто за себе. Претходно имав релативно стресна фаза во кариерата. На почетокот, кога почнав да барам, наидов на лоши курсеви, а ни искуствата со пријатели да одам на трчање или да спортувам не беа доволно добри. Бидејќи навистина сакав да најдам нешто добро, се решив за личен фитнес тренер.“

Menschen im Fitnessstudio

Сеопфатен третман

Така дошла до Изабела, која вели дека како Бернадет, така и повеќето други муштерии бараат се‘ опфатен третман, што опфаќа повеќе аспекти на телесната и душевна благосостојба. Во меѓувреме, да се има здраво и способно тело, што добро изгледа, се чини стана вистински луксуз. Оние кои можат да си дозволат помош на личен фитнес тренер се најчесто постари од 30 години и се наоѓаат на водечки позиции во фирми или пак се успешни самостојни претприемачи. Изабела Гшвандтнер појаснува: „Здравствениот аспект и понатаму се наоѓа на прво место, а не толку добриот изглед како некој топ-модел.“

Нивното време допрва доаѓа

Нејзината колешка Мадлен Фелзнер смета дека времето на личните фитнес тренери допрва доаѓа. Според неа се’ поголем број луѓе стануваат свесни за потребата да имаат здраво и способно тело, како на работното место, така и за животот по работното време. Ориентацијата кон индивидуален пристап на полето на рекреацијата ќе зафаќа се’ пошироки маси, како впрочем и сите други трендови кои на почетокот и’ се достапни само на елитата, а подоцна се претвораат во масовна појава.

Мадлен Фелзнер во меѓувреме има големо искуство и ја бие добар глас. Нејзиниот муштерија Бернд дури и’ даде и нов прекар - „фитнес домина“. „Тоа е мојата нова титула! Кога се во прашање машки муштерии, тука може навистина да се изврши посилен притисок и да се наредува. Тогаш навистина немам милост!“

Автор: Марлиз Шаум/ Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски